Колумни

Што всушност значи да бидеш угостителски работник?

Многумина работници - Работник
182views

Во последно време, во мојот град можам да забележам дека има недостаток од келнери во кафеаните и кафулињата. Овој податок не го вадам од џеб, туку внимателно слушам како сопственици на кафеани и кафулиња зборуваат за тоа. И знаете додека ги слушам како се жалат што си мислам – „Кај ви беше паметот кога им дававте помали плати од законски пропишаната минимална плата,  кога работеа повеќе од предвиденото време, а тоа не им беше платено, а и плус велевте дека секогаш клиентот е во право, па и по цена да го пцуе келнерот и да му кажува други потешки навреди“. Оваа мисла постојано ми е во глава кога ќе слушнам „газдарино кукуање“. Знам дека е долга, но е и многу точна. Можеби некој нема да се сложи со мене, но повеќето ќе се сложат.

Во секое нешто има исклучоци, но повеќето газди во угостителскиот бизнис мислат дека тие се „фараони“ и дека работниците, односно келнерите и другите вработени им се робови. Кога на ова ќе го додадете и крајно лошото однесување од страна на клиентите, тогаш можете да дојде до добар заклучок дека келнерската работа не само што бара физички напор, туку и психички истоштува, особено во оние угостителски објекти каде што само еден келнер служи десет маси. Особено кога има музика во доцните часови и кога ќе почнат гостите под дејство на алкохол да му довикуваат, сиротиот тој не знае на која страна да се сврти. Ова сум го видел со мои очи, па никој не може да ми го побие овој аргумент, бидејќи е rock solid (цврст како камен). Јас лично на мојата кожа имам почувствувано како изгледа да бидеш довикуван од сите можни страни. Во рацете држиш чинии со јадење, а некој од страна те вика само за да ти порача вода. Тоа не е проблемот, туку проблемот е што не се ни трпеливи, па веднаш некои од нив почнуваат да те навредуваат и да зборуваат работи за тебе, зад грб, а ти не можеш ништо да им речеш бидејќи тие се клиенти и нели според газдите тие се секогаш во право. Ако им речеш, има можност да му кажат на газдата на објектот и потоа ти да си имаш проблеми. Еве на пример, јас кога работев едно лето, од што се веќе ми беше дојдено преку глава поради притисоците кои ги имав од клиентите, а воедно и газдата, на еден од клиентите му се обратив со повисок тон. Тој бесно замина и рече дека ќе ме каже на газдата. На неговите другари им се извинив, но не ми беше толку грижа, бидејќи имав намера да заминам од тоа место кое придонесе да имам расправии и во семејството, односно со моите родители. Нервозата што ја собирав од таму немаше каде да ја истурам, па ја носев дома. Нејсе, да не навлегувам во повеќе детали. Поентата на овој мој мал расказ е тоа дека келнерите често пати се ставени во ситуација да бидат навредувани, омаловажувани, да не им биде исплатена плата редовно. Многу од нив работат во сивата економија, па газдите во секое време можат да им речат повеќе да не доаѓаат на работа.

Исто така треба да нагласам дека има и доста добри работодавачи во угостителскиот сектор, но некои работници ја искористуваат нивната добрина. Но, за жал повеќе има газди на коишто најважен од се им е профитот, а помалку угостителски работници кои ја злоупотребуваат работата. Да бидеме искрени, така стојат статистиките. Се додека газдите не се освестат и не им дадат подобри услови за работа, нема да ги привлечат луѓето коишто сакаат да ја работат таа професија, туку истите тие луѓе ќе одат некаде каде што ќе бидат повеќе платени и ќе имаат подобри работни услови. Ќе мора да престанат да ги третираат како робови и да го преиспитаат тоа нивно правило дека клиентот секогаш е во право. Јас не се согласувам со тоа и никогаш нема да се согласам, бидејќи ако е така тогаш и физички да ги нападнат угостителските работници, би требало да се во право. Мене така ми зборува логиката, за вас не знам. Останете поздравени и да знаете дека ќе си добивате уште многу писанија посветени на вас. Но, не знам баш дали посветата ќе биде во позитивна конотација.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник

 Бобан Илијевски