Колумни

Ќе ти простат сѐ друго, но ова никако

   Време за читање 2 минути

Колумна на Бобан Илијевски

„Сѐ ќе ти простат, но успехот никако“. Често ја слушам оваа фраза последниве неколку години. До пред некое време, не сакав да верувам дека е точна, но за жал, сѐ повеќе и повеќе се потврдува дека е вистина.

Не знам, едноставно не ми доаѓа на памет зошто дел од народот не сака успешни луѓе. Дали е до менталитетот? Дали ги фрустрира тоа што некој постигнал успех, а тие не можат зашто чекаат од некој друг да им даде нешто? Или можеби е до тоа што се сеирџии, па обожаваат да гледаат кога некој ќе доживее неуспех за да скришно му се потсмеваат и го озборуваат?

Јас пак ги обожавам успешните луѓе. Тие се мојот доказ дека во една држава како Македонија може да се постигне резултат и дека не е сѐ „црно-бело“ како што некои велат.

Успешните луѓе ми даваат и мотивација да продолжам да го правам она што го правам и да не се откажувам од моите цели. Тие сведочат за тоа дека без разлика колку пати и да доживееш неуспех, да паднеш, треба да станеш и да продолжиш понатаму, колку и да е тешко и напорно.

Затоа ги почитувам успешните луѓе.

Неодамна на платформата YouTube најдов еден подкаст со наслов: „Како да успееш од Македонија“. Идејата на истиот е правење на интервјуа со успешни луѓе од Македонија. За да не откривам премногу ќе оставам линк подолу, па кој сака нека погледне. Сакам да разјаснам дека ова не е реклама, туку е поддршка за успешните луѓе од Македонија.

Најголемиот дел од нив не ги знаеме, бидејќи не се експонираат. А и зошто би се експонирале кога ќе бидат осудувани за постигнатиот успех од оние кои ќе најдат секаква можна замерка на истиот.

Линк од YouTube каналот: https://www.youtube.com/@ivan.nedelkovski

Фото: Freepik

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.