Ѝ дале отказ поради „не доволно добро извршување на работните задачи“, а била оценета како добра работничка – Апсурдот во Македонија
Автор: Бобан Илијевски
На бремени жени и родилки им се даваат откази. Работници се отпуштаат од работа поради „икс“ причини (ни самите не знаат зошто ги добиле отказите). Владата и работодавачите заговараат увоз на работна сила од Бангладеш и Непал. Накратко ова се апсурдите на нашето општество кои некако повеќе се истакнаа периодов.
Не е ништо ново давањето на отказ на бремени жени и родилки. За жал, тоа станува пракса. Во период од животот кога најмногу се изложени на стрес поради бременоста и раѓањето ова им е капак. Ама газдите, оние кои немаат ни грам жал и срам никако не го разбираат тоа.
Сепак, бремените жени и родилките не се единствена мета на прекршување на работничките права.
Денеска на телефон разговарав со една верна читателка на моите колумни која со мене ја сподели нејзината работничка мака.
Откако доживеала повреда, била принудена да земе боледување, накратко ми раскажа таа. Од работодавачот побарала да ѝ дозволи да работи од дома.
Менаџерот кој во случајот е работодавач, се согласил ѝ и дозволил опремата од работа да ја земе дома. Следниот ден добила повик од него да ја врати назад. Била повикана во канцеларија кај него, каде ѝ било соопштено дека е отпуштена од работа, поради, како што ѝ рекле, „незадоволство од тоа како ги извршувала работните задачи“.
Мојата читателка вели дека статистиките коишто ги водела компанијата за тоа колку работниците се успешни во својата работа, покажувале дека таа „во просекот“, односно дека добро ја извршува својата работа. Ова ѝ било потврдено и од тренерот кој ја обучувал за работната позиција, кој и рекол дека добро ја извршува својата работа.
Ми кажа и дека отказот и бил доделен 15 дена пред да и истече Договорот за вработување.
Таа се сомнева дека има и други вработени кои добиле отказ без да има причина за тоа, но не ѝ е јасно зошто се случува тоа.
И додека работничките права постојано се прекршуваат, на бремени жени и родилки им се даваат откази од работа – Владата и работодавачите ќе увезуваат работна сила од Бангладеш, Непал и од останати земји каде што има помали плати од нашите.
Од ова поголем апсурд никогаш немало, а и никогаш нема да има.
- Секој четврт вработен во Германија работи од дома (Анкета за читателите) - 25/03/2025
- Дарко Шпер и понатаму штрајкува со глад, Извршниот одбор на синдикатот Независност одржал седница во РТВ - 24/03/2025
- Одлучувачки при вработување: 10 брзо растечки вештини кои компаниите сакаат да ги видат во вашето CV - 24/03/2025