Правда

Академиците со заеднички став: Реформа ни е неопходна и нема време за одлагање

Во серијата средби кои ги имаме овие денови, денес се сретнавме и со претставници на МАНУ чија поддршка за реформата исклучително ми значи, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска по средбата со академиците од Одделението за општествени науки на МАНУ.

“Академиците дадоа свои видувања и совети за тоа кои се предизвиците со основното образование и имавме конструктивна дебата. Она што сите се согласивме е дека реформата е нужна и предолго одложувана. Јас информирав дека пристапот при креирање на сите аспекти на концепцијата, од обуките на наставниците до наставните содржини е многу темелен, издржан и во широка консултација со сите експерти во државата” , рече Царовска.

Министерката истакна дека за реформите ќе се направи добра подготовка пред да се стартува со интеграцијата.

“Одговорно тврдам дека добро подготвени за имплементација ќе пристапиме во следната учебна година. Интензивните дебати продолжуваат и сакам да кажам дека ми е драго што добивме многу конструктивни предлози во изминатите денови. Пред два дена заврши рокот на доставување на предлози и дел од овие ќе се искористат за прецизно моделирање на реформата. Драго ми е што во целиот период се вклучија многу засегнати страни и добивме голем број на предлози кои детално ќе ги разгледуваме и имплементираме сите конструктивни забелешки”, рече Царовска.

Академик Владо Камбовски, укажувајќи дека ставовите на академиците се нивни лични, ја поздрави идејата за вклучување на МАНУ во расправата за реформата на основно образование, како највисока научна и уметничка институција чија задача е токму да го развива образованието и науката.

„Заживеа расправата за овој најважен елемент на општествените реформи, а тоа е системот на образование, овој пат основното образование, но очекуваме дека тие расправи ќе продолжат и во однос на другите степени, предучилишното, средното и конечно реализација на реформата во високото образование. Преку овие расправи треба да го промениме односот кон главните носители на оваа значајна општествена дејност, а тоа се учителите, наставниците. Учителот треба да стане централна фигура на општествениот интерес во наредниот период ако сакаме да формираме општество засновано врз знаења, прогресивно, знаења со кои утре ќе ги отворат границите на нашата земја кон светските процеси на интеграција и глобализација“, изјави академик Камбовски.

Академиците имаат конкретни сугестии за подобрување на концептот за основно образование и очекуваат да следи подготовка на наставен план за основно образование, следен чекор е подготовка на наставни програми за секоја година на деветолетката и националните образовни стандарди преку кои ќе се мерат исходите на образованието, стекнатите компетенции и оценувањето на учениците, за да може да се подигне квалитетот на основното образование.

„Дебатата беше многу плодна. Ми останува да повикам на поддршка на оваа иницијатива, бидејќи знаеме колку е комплексно, колку е тешко да се влезе во ваков комплексен зафат. Имаме голем консензус дека проблемите во образованието ни започнуваат во основно образование. Реформата не е само законска обврска, туку и не смее да се задоцни“, рече академик Абдулменаф Беџети.

И академик Таки Фити рече дека сите се согласни дека реформите во основното образование се императив и не смее да се одложуваат.

„Со реформи треба да се почне веднаш“, посочи академик Фити. Рече дека има лоша коинциденција со политичкиот амбиент и затоа укажа дека е потребно креативно решение „И ние дадовме сугестии – да бидеме многу претпазливи кога станува збор за историјата. За мене најголем проблем во образованието е како и на кој начин да се ослободиме од екстензивност, оптовареност со фактографија и меморирање, при што суштинските работи се запоставуваат. Не може да се трупаат факти и да се тераат учениците на меморирање, тоа создава проблем во љубовта кон учењето“, рече академик Фити.