Ако земаш 18,000 денари или помалку, газдата има поголеми шанси да ти ги побара парите назад, а ако земаш 500 евра, тие се помали
Најмногу парите назад им се бараат на оние кои земаат минимална или помала од минималната плата, а најмалку на оние кои земаат 500 евра. Голем дел од вработените не знаат дека работодавачот ја нема пријавено платата. Ова се дел од наодите на истражувањето на невладината организација „Реактор“ кое е објавено лани, а третира податоци од 2018 и 2021 година.
Извештајот на невладината организација „Реактор“ со наслов „Родово – базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија“ изработен во 2022 година покажува дека 12 % во 2018 година и 8 % од вработените во 2021 година, истакнале дека работодавачот не ја пријавил, платата која им ја исплаќа, на државните власти.
„Запрашани за евентуално искуство кога нивниот работодавач неточно ја пријавил нивната плата (на пример, за да одбегне плаќање даноци или пензиски придонеси) 12 % во 2018 и 8 % во 2021 година, укажаа дека нивниот работодавач не ја пријавил нивната плата на државните власти“, стои во извештајот.
15 % од испитаниците и во 2018 и во 2021 година, не знаеле дека ова е случај, односно дека нивниот работодавач ја нема пријавено платата.
Реактор констатира дека податоците укажуваат на тоа дека работниците чии примања не се регуларно пријавени, во просек, имаат помали плати.
Според висината на платите, во 2018 година, повеќе од една петина (22 %) од работниците со месечна нето плата од 12,001 и 15,000 денари имале искуство со погрешно декларирана плата, за разлика од оние кои земале месечна плата од 30,000 и 35,000 денари каде процентот е значително помал, односно е 2 %.
Во извештајот се вели дека вработените во приватниот сектор имаат повеќе искуство со некоректно декларирани плати.
„Во 2018, во споредба со 4 % од лицата вработени во јавниот сектор, една петина (20 %) од вработените во приватниот сектор изјавија дека нивниот работодавач не ја пријавува нивната вистинска плата“, се посочува во извештајот и се додава дека ова било потврдено и во 2021 година, со 16 % вработени од приватниот сектор кои го искусиле ова, во споредба со 1 % од вработените од јавниот сектор и граѓанското општество.
Во однос на барањето на работодавачите на дел од платата од вработените, во 2018 година, 10 % од испитаниците рекле дека нивните работодавачи им побарале дел од платата. Во 2021 година оваа бројка изнесувала 6 %.
„Во 2018 година, беше евидентно дека ова се случува значително поретко во јавниот сектор (5 %) отколку во приватниот сектор (13 %). Во 2021 година, ова беше потврдено; во споредба со 2 % во јавниот сектор, од 8 % во приватниот сектор и 10 % во граѓанското општество било побарано да вратат дел од нивната плата на нивниот работодавач“, е наведено во извештајот на Реактор.
Интересен податок е и тоа што на мажите или 18 % од нив им било побарано да вратат дел од платата назад, додека кај жените оваа бројка е помала и изнесува 8 %. Но, овој податок е од 2018 година. Во 2021 ова не било случај.
Извештајот потенцира и дека и во 2018, односно 2021 година, значително повисок процент на оние од кои било побарано да вратат дел од парите назад, биле работници со пониски плати.
„Иако кај бројот на учесниците со ниски плати стапката беше мала, наодот е индикативен“, се наведува во извештајот. „Во 2018 година, од 10 од 24 испитаници со ниска плата или плата помала од минималната (42 %) било побарано да вратат дел од неа. Во 2021 година, 12 од 64 (19 %) од ваквите работници било побарано да вратат дел од нивната плата, во споредба со 2 од 91 (2 %) од оние со плати помеѓу 30,001 – 35,000 денари“.

