Анализа: Партиските послушници ни ги празнат селата и градовите
Анализа на Бобан Илијевски
Македонија е земја во која има изобилство на талентирани млади луѓе, но за жал, нивниот талент не може да дојде до израз поради партиските полтрони кои 30 години ја цицаат оваа држава. Ова е суровата реалност која ја живееме секој ден и поради која овие млади талентирани луѓе заминуваат од државата. Не знаеме да си го цениме своето, тоа е нашиот најголем проблем како нација. Секогаш се вреднува туѓото, не погледнувајќи околу себе, токму во овие млади талентирани луѓе.
Младите луѓе го гледаат тоа и затоа се откажуваат од својата татковина и своите таленти, знаења и вештини ги применуваат во држави каде истите ги вреднуваат, и тоа многу повеќе.
Несомнено, секој млад талентиран човек сака да оствари профит применувајќи ги талентот, знаењата и вештините, што според мене е оправдано, бидејќи тие вложиле доста труд и ресурси за да ги развијат и стекнат истите, само што од пустите партиски подлизурковци и послушници не можат никако да дојдат на ред, колку и да се обидуваат и да не се откажуваат. Сега се потсетив и на едно предавање на еден мој професор на факултет, којшто тогаш рече, парафразирам, дека вистинските лидери не создаваат послушници, туку следбеници, но во Македонија лидерите создаваат токму послушници кои ги исполнуваат нивните егоистични желби.
Знаете, еден ден ќе се освестат сите овие таканаречени лидери и ќе сфатат дека направиле голема грешка што не создавале следбеници. Тоа ќе се случи кога државата ќе биде водена само од партиските послушници и кога фразата “квалификувани и вешти луѓе” ќе стане мисловна именка. Тогаш ќе си ги удираат главите и ќе измислуваат триста мерки и начини за да ги вратат тие талентирани луѓе назад, но нема да успеат. НИКОГАШ. Она што ќе се случи според мене – ќе бидат принудени да даваат огромни суми на пари за да емигрантите останат овде и работат. Исто така ќе бидат и принудени да даваат уште поголеми суми на пари за да цели семејства се доселуваат од земји од Третиот свет, со цел да се пополнат градовите и селата. Голем број од селата се веќе празни. Се празнат и градовите. И за жал, уште повеќе ќе се празнат. Знам дека ова е лошо сценарио, но според сите случувања и однесувањето на властите низ овие 30 години, исходот е овој. Се надевам дека нема да дојде до остварување на моите претпоставки, но не гледам никакво подобрување.
Да започнеа со време да ги ставаат талентираните луѓе на државните позиции за кои се стручни, уверен сум дека немаше сега да дојдеме до ова ниво, ниту пак ќе имаше потреба да ја пишувам оваа колумна, плашејќи се од напишаниве зборови, од тоа да не се остварат. Верувајте, ни малку не ми е лесно да го пишувам ова, но некој мора, со оглед на тоа дека голем дел од народот, не по своја вина, се занимава со политика, со ценење на туѓото и препирање по социјалните мрежи за нерелевантни работи.
Би сакал да завршам со тоа дека талентираните луѓе ќе се снајдат секаде, без разлика дали ќе одат во Германија, Велика Британија или Соединетите американски држави. Тие имаат иднина на која може да се потпрат, но дали државата која пополека и неосетно ги губи ќе може да се потпре на иднината без нив?!
