СветСветот на работникот

Баби и дедовци ќе добиваат 360 евра месечно за чување на внуци: Самобор со револуционерна мерка

„Љубовта кон внуците не може да се мери ниту плати, но сакаме нивниот придонес да го наградиме“

Градот Самобор стана првиот град во Хрватска кој воведе нова мерка под името „Баба-дедо сервис“, со која бабите и дедовците добиваат финансиска надомест за чување на внуци на возраст од 1 до 4 години.

Градоначалничката Петра Шкорбот истакна дека оваа мерка има за цел да им го олесни на родителите усогласувањето на семејните и работните обврски, да обезбеди финансиска поддршка за пензионерите и да ја зајакне меѓугенерациската солидарност.

Надоместокот изнесува 360 евра месечно по дете, што е еднаков на субвенцијата што градот ја дава за приватни градинки и дадилки. Мерката се применува од април годинава и досега ја користат 37 баби и дедовци. Реакциите, според Шкорбот, се многу позитивни, а интерес за воведување на вакво решение веќе покажале и други градови.

Мерката е направена по углед на Шведска, но е прилагодена на локалните потреби. Придобивките се повеќекратни – пензионерите добиваат дополнителен приход, родителите полесно ја организираат грижата за децата, а семејните врски дополнително се зацврстуваат.

„Љубовта кон внуците не може да се мери ниту плати, но сакаме нивниот придонес да го наградиме. Родителите сега можат сами да одлучат дали детето ќе оди во градска или приватна градинка, ќе го чува дадилка или ќе го чуваат баба и дедо“, изјави градоначалничката.

Правото на овој надомест го остваруваат родителите или старателите, но само за деца на возраст од 1 до 4 години кои не се запишани во градинка или не користат дадилка. Дополнителни услови се: хрватско државјанство, живеалиште на подрачјето на Самобор и вработеност на двајцата родители или нивен статус на редовни студенти.

Исто така, бабите или дедовците што сакаат да примаат надомест мора да имаат пензионерски статус, живеалиште во Самобор и да бидат здравствено способни за грижа околу внукот.

За потсетување, Шведска во 2024 година стана првата земја во светот што донесе закон со кој бабите и дедовците можат да користат платено родителско отсуство додека се грижат за внуците. Родителите таму можат да го пренесат своето отсуство на бабите и дедовците – најмногу до 45 дена, односно 90 дена ако станува збор за самохран родител, во првата година од животот на детето.

Извор: EUpravo zato / Vecernji.hr