Бесими: Новите мерки ќе поттикнат нови инвестиции
Финансиската поддршка за стопанството е исклучително важна за заздравувањето на економијата, заради што фискалниот стимул од државата мора да продолжи. Ќе се настојува новите мерки да поттикнуваат и нови инвестиции, проширување на капацитетите и нови вработувања, порача министерот за финансии Фатмир Бесими на конференцијата Balkan Business Week, на тема „Економска ситуација на Балканот 2021-2022 (Можности и перспективи)”. Притоа тој потенцира дека во оваа насока се и препораките на Меѓународниот монетарен фонд и оти истото се спроведува од страна на економиите во светот, но и во регионот, поточно во Словенија, Србија, Црна Гора и Косово, каде што годинава, исто како и во нашата држава, беа донесени нови пакет-мерки, со цел поддршка на стопанството и граѓаните.
„На среден рок, насочени сме кон решенија што ќе го забрзаат растот, кој изминатата декада, пред кризата, се движеше околу 2,5%. Наша цел е да се забрза економскиот раст, и на среден рок стапките на растот да надминуваат 5%. Тоа е планирано да се постигне преку креирање поконкурентна деловна клима, извозно ориентирана, со силна поддршка на претприемништвото и иновациите, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите, модернизација на секторите каде што имаме компаративна предност, даночна реформа, сузбивање на сивата економија, дигитализација на економијата, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образованието, науката и здравството, мерки за поголема активност на работоспособното население и ориентација кон „зелена економија”, истакна министерот Бесими.
На конференцијата свое обраќање имаа и гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицепремиерот Фатмир Битиќи, претседателот на ФОРУМ Институтот за менаџмент Хajделберг, Германија, Улрих Цaјтел, претседателот на Комитетот за одбрана на германскиот парламент и член на Бирото на парламентарното собрание на НАТО, Карл Ламерс и генералниот директор и претседател на УО на директори на Стопанска банка, Диомидис Николетопулос. Конференцијата беше одржана во организација на Институтот за бизнис и менаџмент, Хajделберг – Скопје и Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ).

