Битиќи во компанијата „Сеавус“: Транзицијата кон дигитална економија создава шанси за успех и добро платени работни места за младите
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, jа посети компанијата „Сеавус“, чија примарна дејност е развој на софтвер и давање консултантски услуги, поддржана преку Законот за финансиската поддршка на инвестициите (ЗФПИ).
Во изјавата за медиумите вицепремиерот Битиќи рече дека модерната економија поминува низ транзиција кон поголем акцент на еколошките и дигиталните иновации за што е потребно младите да развијат нови вештини за да напредуваат во овој променлив пејзаж.
„Токму затоа една од компаниите што ги поддржуваме преку Законот за финансиската поддршка на инвестициите е ‘Сеавус’, која ова го прави преку својот едукативен центар. Дигитализацијата како стожерен процес на четвртата индустриска револуција побарува да се вкалкулираат сосема нови фактори за успешно креирање и имплементирање национални развојни политики, кои ќе бидат насочени кон создавање реални шанси за успех и добро платени места за младите“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи информира дека „Сеавус“ финансиски се помага преку Законот за финансиската поддршка на инвестициите бидејќи се работи за мултинационална компанија за развој на софтвер и давање консултантски услуги.
„Со своите над 650 вработени, компанијата опслужува над 3.500 клиенти во светот. Владата со ‘Сеавус’ потпиша договор за финансиска поддршка на инвестициски проект за периодот 2018-2022 година за мерките ‘поддршка за пораст на капитални инвестиции, зголемување на конкурентност на пазарот и освојување пазари’. За инвестициите над 83 милиони денари исплативме државна помош од 7 милиони и 500 илјади денари“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека стратегијата на Законот за финансиската поддршка е да ги идентификува секторите што може да имаат додадена вредност за да бидат поконкурентни не само на домашниот туку и на странските пазари.
„Планот за економски раст поставен во 2017 година потврдува дека оваа Влада го знае вистинскиот пат за економски раст и развој на нашата земја. Само во Скопскиот Регион поддржани се 181 компанија, кои до денес имаат добиено околу 1 милијарда и 200 милиони денари финансиска помош за своите инвестициски циклуси, кои креираа нови работни места за нашите граѓани“, изјави Битиќи.
Дејан Петрески, главен офицер за информации во „Сеавус“, се заблагодари за финансиската помош.
„Благодарност до Владата, која го препозна капацитетот на нашата компанија, на која преку овој финансиски проект ѝ даде дополнителна помош за услугите што ги нудиме за дигитална трансформација. Денес, ‘Сеавус’ е докажан и препознатлив партнер на нашите клиенти и работи во доменот на големи компании во телекомуникацискиот, автомобилскиот и во банкарскиот сектор“, изјави Петрески.
Извор: Макфакс

