Светот на работникот

Вештачката интелигенција некаде ќе ги замени работниците, а некаде ќе стане средство за работа, вели правниот консултант Јован Најденовски

Третиот дел од разговорот со правниот консултант, Јован Најденовски е преточен во изјава која подолу можете да ја слушнете и во аудио верзија.

Посебен фокус, рековте, ставате на примената на новите технологии и дерегулација на работните односи, каде што има можност да се направи тоа. Кажете ми повеќе околу ова?

За да биде појасно, кога зборувам за дерегулација, јас не зборувам за немање регулатива; не зборам за беззаконие или за руинирање на законите. Јас сум правник и верувам во потребата од постоење на регулатива, вели правниот консултант Јован Најденовски.

„Но верувам во потребата од постоење на куса и јасна регулатива – секаде, не само во работните односи. Секаде каде што има можност да се остави договарањето во рамки на една определена рамка, тоа треба да се прави. Значи, под дерегулација мислам на максимално можно и безбедно намалување на обемот на регулативата и на одредбите во рамките на поединечните прописи, во поглед на давање само на минимално потребни рамки за одредената проблематика, а останатото да биде препуштено на волјата на договорните страни“, вели Најденовски.

Ова во работните односи, како што вели, е можно и познато. Не смее да се заборави дека договорот за вработување е облигационен акт – во голем дел регулиран со lex specialis (Законот за работни односи), но сепак тоа е договор и не треба да се избега надвор од Законот за облигациони односи ниту треба истиот да се занемари целосно кога станува збор за договорот за вработување.

Токму примената на новите технологии, вели Најденовски, остава можност за дерегулација на работните односи.

Повеќе во аудио изјавата во продолжение:

 [ai_playlist id=”283771″]

Фото: Приватна архива

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk