ВИДЕО| Над 95 % од членовите на СОНК ја одбиле понудата од 10 %, штрајкот продолжува
Над 95 % од синдикалните организации го одбиле предлогот на Владата за зголемување на платите во основното, средното образование и детската заштита за 10 %, информираат од СОНК преку соопштение до јавноста.
Од СОНК велат дека денеска одржале седница на Советот, на која било одлучено да се продолжи Генералниот штрајк и да се одбие понудата на Владата.
Од таму во соопштението наведоа осум точки во кои ја образложуваат својата одлука.
- Членовите на СОНК реагираат на несериозниот пристап на надлежните коишто скоро 2 месеца преговараат со претставници на СОНК, а реално не даваат никаков конкретен предлог на доставените писмени барања од страна на СОНК.
- Членовите на СОНК констатираат дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот.
- Зголемувањето на платите од 10% во детска заштита, основно и средно образование воошто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата.
- Освен Барањето за усогласување на платите по основ на покачување на минималната плата, Советот на СОНК достави и други барања поврзани со склучување на нови колективни договори, за коишто воопшто не е ни преговарано.
- Членовите на СОНК сметаат дека едно од најважните прашања е договорот со Владата за усогласување на платите по Колективен договор, за коишто се спремни да се прави во динамика од 2 години.
- Советот на СОНК е подготвен да има интензивни и рационални преговори со Владата, на коишто би се усогласиле спорните прашања и би се потпишала Спогодба, како би можело во најкраток можен рок да продолжи воспитно-образовниот процес.
- Членовите на СОНК изразуваат големо жалење за сите непријатности коишто ги имаат родителите заради штрајкот на СОНК и од таа причина уште еднаш упатува големо извинување до нив.
- Членовите на СОНК искажуваат огромно единство, взаемност и истрајност во заедничката борба за своите права, сѐ до остварување на заедничката цел, а тоа е подигнување на нивниот социјален статус и враќање на достоинството на дејноста којашто ја застапуваат.
СОНК денеска одржа и прес – конференција, која можете да ја погледнете подолу:

