МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

ВИДЕО| Неделков: Во некои општини се врши притисок за да се прекине штрајкот – Тоа само ја засилува волјата на вработените да продолжат со штрајкување

Се штрајкуваше во сите градинки, основни и средни училишта во Република Македонија. Сакаме да истакнеме дека наши вработени кои не се членови на СОНК масовно се приклучуваат кон штрајкот што го организира СОНК, рече Претседателот на СОНК Јаким Неделков на денешната прес – конференција.

Мислам дека почетокот на овој штрајк е добра порака до надлежните и дека овие дејности навистина имаат проблеми околу нивниот социјален статус и од таа причина масовноста на штрајкувачите е огромна. За волја на вистината мораме да споменеме дека во дел од дејностите, поточно во детските градинки имаме посериозни притисоци, во однос на настојување на директорите, воспитувачите по секоја цена да влезат во детските групи, да се прекине процесот на штрајкување итн., рече Неделков. 

 

Напомена дека многупати рекле дека не се тие кои ќе речат децата да не се носат во детските градинки, но ако треба уште сто пати ќе кажат дека процесот на штрајк никој не смее да го прекине, никој не смее да врши притисоци и од таа причина најавиле и кривични пријави против секој оној којшто ќе се обиде да го спречи штрајкот.

Имаме особено изразена ситуација во детските градинки во Општина Центар, во Општина Карпош, во градинката „Орце Николов“, во Општина Валандово, Општина Гевгелија и во некои други општини, каде што има помал број на штрајкувачи коишто морале да бидат на своите работни места, иако се во штрајк, истакна Неделков. 

Освен овој проблем за кој е убеден дека нема да ги поколеба штрајкувачите и ќе останат на одлуката која ја донел Советот на СОНК и којашто е извршна за сите, има и проблем во однос на работното време на штрајкување, рече Неделков и додаде дека се толкуваат разни закони, особено Законот за работни односи каде што е предвидено 40 часовно работно време неделно или 8 часа работно време на дневна основа, меуѓтоа овие се посебни дејности каде вработените не се обврзани да бидат 8 часа на работа и оттаму смета дека договорот со директорите на установите и градоначалниците е дека се штрајкува онолку колку што биле и смените во училиштата.

Сметам дека во овој дел не треба да има проблеми и сметам дека инсистирањето по секоја цена да се штрајкува 8 часа во текот на денот е непродуктивно и се прават дополнителни трошоци во установата коишто не би требало да се прават, вели Неделков. 

Рече дека не би било хумано вработените кои се држат до Рамазнските пости да се враќаат во 7 или 8 часот, кога почнува периодот на вечера. Според него, сето ова оди во правец на реваншизам и вршење на притисок и уцени на оние коишто штрајкуваат да прекинат со штрајк.

Неделков посочи дека очекуваат да бидат повикани на преговори од страна на Владата, за да уште еднаш ги стават на маса нивните аргументи. Тој им се извини, но и им се заблагодари на родителите за нивната поддршка, којашто се познава по многу малиот број на деца коишто се во училиштата и градинките.

Имено, бројката на вработени кои штрајуваат е 25,000.

Фото: Работник

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk