Во Албанија околу 22 илјади странци имаат дозвола за престој, од кои 54% се за работа
Институтот за статистика (ИНСТАТ) информираше дека се проширува спектарот на странски државјани кои пристигнуваат во Албанија заради вработување, спојување на семејства или други мотиви. Најголемиот дел од нив се лица по потекло од Косово, Италија и Турција.
“На крајот на минатата година, бројот на странци со дозволи за престој во Албанија изнесува 21,940, што е зголемување од 2,2% во споредба со претходната година.”
Од вкупниот број, приближно 12 илјади се поради работа. Мажите претставуваат 61,9% од странците со дозволи за престој, додека жените сочинуваат 38,1%. “Најзастапената возрасна група е онаа од 30 до 39 години”, потенцира ИНСТАТ.
Во текот на 2024 година, бројот на лица со потекло од Косово достигна 4,592, што е пораст од 23,7% во споредба со 2023 година, додека бројот на лица со потекло од Италија изнесува 3,763, што претставува зголемување од 11,5% во споредба со претходната година.
Исто така, значаен пораст е забележан кај лицата од азиските земји, со 20,1% (4,545 лица), како и од Америка и Африка со 23,4% (3,028 лица).
Вработувањето е примарна причина за издавање на 54,3% од дозволите за престој, а потоа следуваат спојување на семејства со 24,5%, други причини со 16,3%, студии со 4% и хуманитарни цели со 0,9%, пренесе МИА.

