Останато

Во кој дел на денот вработените прават најмногу грешки?

Превод и подготовка: Бобан Илијевски

Продуктивноста и точноста на вработените опаѓаат во текот на попладневните часови, покажува неодамна објавената студија во научното списание Plos One. Истражувачите две години проучувале речиси 800 вработени во канцеларии. Во истражувањето не учествувале работници на далечина.

За разлика од другите студии кои ја испитуваат продуктивноста на работникот, оваа не се потпира на самоевалуацијата или повратните информации од менаџерите. Наместо тоа, истражувачите го мереле користењето на компјутерите, земајќи ги предвид брзината на куцањето, активноста на маусот и грешките при куцање.

Најмногу грешки при куцање се правеле во попладневните часови, а во петок попладне, конкретно, дошло до намалување на компјутерските активности и зголемување на грешките при куцање.

„Ова е во согласност со сличните наоди дека бројот на задачи кои вработените ги извршуваат постојано се зголемува од понеделник до среда, а потоа опаѓа во четврток и петок“, навел Таехџун Рох, коавтор на студијата и доцент на одделението за епидемиологија при Универзитетот во Тексас „A&M“ за ScienceDaily.com.

Вработените треба да имаат поголема флексибилност

Авторите на студијата велат дека ова истражување придонесува кон зголемување на доказите дека работните места би требало да овозможат поголема флексибилност.

Поголемиот дел од вработените, покажуваат анкетите, би ја поздравиле оваа промена. 61 % од нив велат дека повеќе би сакале да работат на скратена работна недела, а 33 % признале дека би дале отказ од својата моментална работа за друга со скратена работна недела, покажува истражувањето на Monster, пренесува CNBC Make It.

„Флексибилните работни распореди, како што се хибридната работа или четиридневната работна недела, можат да помогнат во ублажувањето на ефектите од долгите работни недели и да промовираат поголема благосостојба и продуктивност“, напишале авторите на студијата.

На пример, работодавачите можеби се поотворени да им дозволат на вработените во петок да работат на далечина или да  применат скратена работна недела со слободен петок.

Извор: BIZLife

Фото: Pixabay