ИнтервјуаСветот на работникот

ВО ПОСЛЕДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ ПЕНЗИИТЕ ИМАА МИНИМАЛЕН РАСТ – ДАЛИ ТОА ЌЕ СЕ ПРОМЕНИ?

Голем дел од пензионерите во Македонија се под прагот на сиромаштија, а со тоа се оневозможени да имаат достоен социо – економски статус.

Нивните пензии не забележаа голем раст поради измените кои се направија во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, конкретно на членот 37, кој предвидуваше пензиите да се усогласуваат само со трошоците за живот, а не и со просечната плата.

Во интервјуто на порталот Работник со Претседателот на Пензионерскиот синдикат на Македонија, Марјан Спасовски, ова беше една од темите на кои разговаравме.

Нашиот соговорник го отвори интервјуто со зборовите дека Пензионерскиот синдикат цени дека треба да се направи нивелација на пензиите, односно целосна ревалоризација индексирана на промените на трошоците за живот, за да може да се заштити куповната моќ на пензионерите и постарите лица. Вели дека најниската пензија треба да биде над прагот на сиромаштија.

„Сведоци сме дека во последните неколку години, односно од 2019 до денес, пензиите сѐ повеќе стагнираат – имаат минимален номинален раст, во однос на порастот на просечната исплатена нето плата“, објасни Спасовски и додаде дека минималниот раст на пензиите не бил доволен, бидејќи куповната моќ забележувала пад – не можеле да ја следат инфлацијата.

Како пример, Спасовски го зеде зголемувањето на цените на храната и безалкохолните пијалаци од 2021 до 2022, кога се зголемиле за 20,9 %, а индексот на трошоци на живот во јануари 2022, во однос на јануари 2023, изнесува 17,1 %. (Податоците се од Државниот завод за статистика и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија).

Вкупниот просек на исплатената нето пензија во 2018, како што објасни Спасовски, изнесувал 13,923 денари, а во декември 2022 – 17,727 денари.

„Ова покажува дека пензиите не забележале голем раст во дадениот период. Малиот раст се должи на измената на Законот за ПИО, конкретно членот 37, која беше направена во декември 2018, а започна со примена од 2019 година. Измената предвидуваше усогласувањето на пензиите да се врши само со порастот на трошоците на живот“, рече Спасовски.

Нашиот соговорник дополни дека во декември 2018 година, соодносот на просечната пензија со просечната плата од истиот период изнесувал 58 %. Тогаш просечната плата била 24,025 денари. Соодносот на пензијата во декември 2022 година во износ од 17,727 денари, појасни Спасовски, и просечната плата во истиот месец изнесува 34,364 денари или околу 51,6 %.

„Поради ова, ПСМ бараше да се врати старото решение за усогласување, што беше и направено во март 2022 година, со важност од 1 септември истата година“, истакна Спасовски.

Првиот човек на Пензионерскиот синдикат со нас сподели и табела во која се прикажани усогласувањата на пензиите од 2018 до 2022 година.

2018 1,69+1,8 3,49
2019 0,7 + 0,4 1,1
2020 722  ден. линеарно + 0,60
2021 1,20 + 1,20 2,40
2022 2,90  + 6,80 9,70

*Номиналниот раст е следен: 17,727 – 13,932 = 3,804 денари – порастот на просечната нето плата во јануари 2018 изнесувала 24,025 денари, а просечната во декември 2022 изнесувала 34,364 денари, односно во наведениот период просечната плата се зголемила за 10,339 денари.

„Се надеваме дека со враќањето на старото решение за усогласување со 50 % од индексот на трошоците за живот и 50 % со порастот на просечната плата, пензиите малку пореално ќе растат“, рече Спасовски.

Според него, постои уште еден голем проблем кој негативно се одразува на стандардот на пензионерите, а тоа е скриената инфлација.

Одредени прехранбени производи, вели нашиот соговорник, забележаа минимален раст на цените, но се намали нивната грамажа.

Со оглед на тоа дека Пензионерскиот синдикат е член на Европската федерација на пензионери и постари лица – ФЕРПА, го прашавме кој пензиски систем е најповолен во Европа и дали може да се примени во Македонија.

Тој одговорот на прашањето го започна со тоа што рече дека членството во ФЕРПА им овозможува разни конференции и меѓусебна комуникација со синдикатите на пензионерите и постарите лица од регионот и Европската унија.

Во однос на пензискиот систем, тој посочи дека би било неблагодарно да се избере еден модел, додавајќи дека има повеќе земји каде пензиските системи се добро поставени и дека истите не сака да ги наведува.

„Има и земји кои многу добро се справија со Ковид кризата преку исплаќањето на ковид додаток на пензионерите кој сѐ уште им го исплаќаат. За да биде појасно, станува збор за земји од нашиот регион“, рече Спасовски.

Што е со регистрацијата на синдикатот?

Спасовски објасни дека согласно Европската конвенција за човекови права, секој човек има право на здружување во организација која ќе ги брани неговите интереси. Сепак, македонските власти на тоа не гледаат така, па не сакаат овој синдикат да биде вклучен во социјалниот дијалог.

Инаку, предметот за регистрација на синдикатот е пред Вишиот Управен суд.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk