ПравдаСветот на работникот

Гордана Панева за Работник: Работодавачот ми обезбеди храна и сместување по операцијата – заменик директорот е во постојана комуникација со мене

Бобан Илијевски

Гордана Панева, собарка која повеќе од еден месец работела во хотел на компанијата „Валамар“ во Хрватска ја контактираше редакцијата на порталот Работник за да ја раскаже својата позитивна приказна поврзана токму со таа компанија.

Имено, Панева се соочила со тежок здравствен проблем – ѝпукнал ќир на желудник, додека ги извршувала своите работни задачи. Нејзината колешка веднаш реагирала, а бидејќи била на остров, од компанијата повикале брод за да ја однесе во Брза помош.

Фото Хотел Валамар/Хрватска

„Бродот е во сопственост на фирмата. Во исто време кога ми се слоши, го повикаа и тој дојде. Мала е оддалеченоста помеѓу островот и копното, градот Пореч, но единствено само со брод може да се оди до таму“, вели Панва. 

Таа истакна дека од страна на лекарите било интервенирано и била веднаш оперирана. Цело време додека била во болница, била во постојана комуникација со заменик директорот на хотелот каде што работела кој и стоел на располагање за се што и треба.

Здравствено осигурување имала, па истото ги покрило трошоците од операцијата.

„Се грижеа за мене. Навистина немам зборови. Заменик директорот на фирмата беше стално во комуникација со мене“, додаде Панева. 

По излегувањето од болницата, била сместена во хотелот за персонал на компанија во Пореч, каде што и се наоѓа сега. Таму, како што вели, ѝ било обезбедено се што и треба.

„Му се пожалив на заменик директорот дека не можам да ја поднесам хрватската храна поради зачините, а докторот ми даде листа на храна што треба да ја јадам, па тој им наложи на готвачите да ми ја приготвуваат таа храна. Изненадена сум од грижата што ја покажуват за мене“, вели Панева.

Инаку, Панева во Хрватска отишла да работи како член на Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија, којшто неодамна склучи Меморандум за соработка со хрватскиот синдикат за туризм и услуги, за заштита на македонските сезонски работници коишто заминуваат на работа во Хрватска.

Според Панева, ова што и се случило во Хрватска, да се случило во Македонија, ќе завршела полошо.

„Со години работев во Македонија и правејќи споредба гледам колку Хрватска е подалеку од Македонија. Да бев во Македонија, можеби ќе бев во полоша состојба“, вели Панева. 

Таа им порачува на сите коишто сакаат да одат на работа во Хрватска, да внимаваат преку кого одат  и во која компанија аплицираат да работат. Вели дека на синдикатите треба да им се даде шанса, бидејќи можат многу да се најдат во лоши ситуации.

Истакна дека таму ќе биде три месеци, по што можно е да се врати повторно на работа, но на работно место кое не бара физички напор.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk