Дали ова е новата ветена земја? Плата од 2.000 евра, работна недела од 37,5 часа и викенди покрај море
Шпанија е на чекор до усвојување закон што може значително да го подобри квалитетот на животот на вработените. Имено, предложено е скратување на работната недела од 40 на максимум 37,5 часа, што значи 2,5 часа повеќе слободно време неделно за околу 12,5 милиони луѓе кои работат во приватниот сектор – вклучувајќи малопродажба, угостителство, градежништво и индустрија.
„Денес го модернизираме светот на трудот и ги правиме луѓето малку посреќни,“ изјави министерката за труд Јоланда Дијаз од партијата Сумар, која е и предлагач на законот.
Според проценките на Министерството за труд, скратената работна недела не би требало да и наштети на економијата. Напротив, се очекува да ја зголеми продуктивноста и да го намали бројот на изостаноци од работа. Некои јавни институции и сектори веќе ја применуваат оваа мерка.
Сепак, законот сè уште не е усвоен, бидејќи левичарската влада на Педро Санчез нема апсолутно мнозинство во парламентот, па неговото донесување ќе зависи од поддршката на помалите партии. Синдикатите силно ја поддржуваат реформата, додека дел од бизнис-заедницата и партии како каталонскиот Џунтс изразуваат загриженост дека ова може да ги оптовари малите бизниси.
Шпанија предничи во работничките права: Од менструално боледување до ментално здравје
Скратувањето на работното време е само продолжение на реформите во работната култура на Шпанија. Земјата веќе стана првата во Европа што законски овозможи платено менструално боледување. Жените кои за време на циклусот имаат силни болки, мачнина и слични симптоми, имаат право на 3 до 5 дена платено отсуство, со приложена лекарска потврда.
Дополнително, се планира воведување регистар за следење на психички нарушувања предизвикани од работните услови. Целта е институционално признавање на проблеми како стрес, анксиозност и прегорување на работа, кои според министерката за здравство Моника Гарсија, претставуваат:
„Епидемија на ментални нарушувања во земјата, чиишто причини се длабоко општествени. Грижата за менталното здравје не е само лична одговорност на работниците, туку прашање на работни услови и култура.“
Колку изнесуваат платите во Шпанија?
Според податоците на Euroactiv, минималната плата во Шпанија од јануари 2025 изнесува 1.184 евра месечно во 14 исплати годишно, што на годишно ниво е 16.576 евра бруто.
Просечната бруто плата е околу 2.642 евра месечно, додека просечната нето плата е околу 2.000 евра, во зависност од секторот и регионот, пренесува Dnevno.hr.
Со ова темпо на реформи и фокус на добросостојба на вработените, Шпанија сè повеќе се наметнува како посакувана дестинација за живот и работа – можеби и новата „ветена земја“ на Европа.
Извор: Bizportal.rs / Превод и адаптација: Бобан Илијевски

