Дали ќе ги принудат работниците да го жртвуваат своето здравје за да заработат повеќе?
Бобан Илијевски
Меѓу предлог законите кои ги поднесе Владата кои се планираат да се носат по скратена постапка, се најдоа и предлог измените на Законот за работните односи.
Со нив се предвидува да се зголеми траењето на прекувремената работа, која моменталниот Закон за работни односи ја ограничува на 48 часа неделно или 190 часа годишно.
Синдикатите се обединија
Ваквиот потег на Владата предизвика остри реакции и обединување на четирите синдикати во Македонија, Сојузот на синдикати, Конфедерацијата на слободни синдикати, Конфедерацијата на синдикални организации и Унијата на автономни и независни синдикати. Тие денеска објавија заеднички став преку кој на политичарите им порачаа дека претераа, а на работниците дека е време да се обединат.
„ССМ, КСС, КСОМ и УНАСМ како најголеми синдикални централи во Македонија, кои заеднички здружуваат повеќе од 150.000 работници, најостро ги осудуваат одлуките на Владата, по итна постапка и со европско знаменце да воведат неевропски вредности во Македонија“, стои во реакцијата на синдикатите.
Тие наведуваат дека Владата се обидува овие измени да ги протне без расправа и без согласност од социјалните партнери.
Владата воведува работно време како пред 137 години, со кое се овозможува работниците нечовечки да бидат експлоатирани во траење од 72 часа во текот на една недела, велат во реакцијата, потенцирајќи дека ова е преседан во светски размери и е напад врз безбедноста и здравјето на работниците.
„Со оваа одлука, Владата не води грижа за животот и здравјето на работниците туку единствено ги гледа своите интереси и интересите на нејзините стратешки партнери, жртвувајќи ги работниците и нивните семејства“, нагласуваат синдикатите.
Осуди, како што велат, за ваквите ставови и намери на Владата, биле доставени и од Европската конфедерација на синдикати – ЕТУК, Светската конфедерација на синдикати – ИТУК, Европската федерација за градежништво и дрвната индустрија и Светската организација за градежништво кои имаат повеќе од 300 милиони членови кои рамо до рамо стојат со синдикатите од Македонија.
Од ССМ, КСС, КСОМ и УНАСМ порачаа дека ќе ги преземат сите чекори за да ги заштитат работниците и работничките права и жестоко ќе го бранат правото на 40 часовна работна недела – 8 часа работен ден, 8 часа одмор и 8 часа време со семејството и рекреација.
Се зборува за прекувремена работа, но не и колку ќе изнесува
Од Министерството за труд и социјална политика негираат дека се работело за воведување на 60- часовна работна недела, објаснувајќи дека се работи за прекувремена работа.
Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин се пофали дека на секој работник кој ќе работи прекувремено ќе му се овозможат 12 часа одмор, како што и предвидуваат законите.
„Она што е важно да се напомене е дека изградбата на коридорите 8 и 10д во никаков случај нема да претставува експлоатација на работниците и нарушување на нивните права загарантирани со закон. Нема да дозволиме ниту еден работник да биде експлоатиран, на ниту еден работник нема да му биде нарушено работничкото право. Сакам да потенцирам дека станува збор за прекувремена работа, а прекувремената работа секогаш постоела во градежништвото. Прекувремената работа не значи 60 часа неделно и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа. Тоа ќе зависи од временските услови за работата на терен односно поинтензивно ќе се работи во месеците во пролет, лето и средината на есен. Ќе има и денови кога нема да има потреба од прекувремена работа. Секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 %, согласно закон и колективен договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и доколку не сака нема да биде принуден со сила да работи прекувремено“, истакна заменик-министерот Хусејун,
Но, тука проблемот е што сите од Владата зборуваат за прекувремена работа, но никој не кажува колку точно часови ќе изнесува. Неодамна, Министерката за труд Јована Тренчевска најави дека ќе се утврдува горна граница за тоа колку часови ќе може да се работи прекувремено, но последните информации околу ова се дека сѐ уште се дискутира за утврдување на истата.
Што се однесува до носењето на законите со европско знаменце, денска од Делегацијата на Европската унија во Македонија изразија загриженост дека во случајов употребата на европското знаменце се злоупотребува.

