Вести

Дваесетина млади луѓе се стекнаа со вештини за работа во ИКТ секторот преку EDU4IT проектот финансиран од Чешката амбасада

Резултатите на проектот EDU4IT – Зголемување на вработливост во сектори со висока додадена вредност преку акселерација на развојно релевантни проекти, со кои дваесетина млади луѓе се стекнаа со вештини за работа во ИКТ секорот, беа презентирани денеска во Скопје од страна на амбасадорот на Чешка во земјава Мирослав Томан и претседателот на ИнноХаб Скопје, Дејан Дескоски.

Преку оваа програма за зголемување на вработливоста, поддржана од Амбасадата на Чешка во Скопје, 23 млади со различни профили стекнаа вештини потребни за вработување во ИКТ секторот, вкучувајќи иновациски менаџмент, кодирање и развој на софтвер (фронтенд, бекенд, дизајн), продуктен менаџмент, политика за приватност на податоци, итн. Младите работеа со ментори практичари на тековни реални проекти на фирми.

На презентацијата на резултатите од проектот беше посочен потенцијалот на ИКТ секторот како генератор на развој преку генератор на добро платени работни места и зголемување на извозот на услуги од Северна Македонија.

Чешкиот амбасадор Томан потсети на одличните односи и соработка меѓу Чешка и Северна Македонија во многу сектори, потсетувајќи дека соработката продолжи и за време на Ковид пандемијата, со донирање на големи пратки медицинска опрема и вакцини на Северна Македонија од страна на Чешка. Конкретно за овој проект, EDU4IT, тој истакна дека главната цел е младите луѓе да стекнат нови вештини со цел да придонесат во државава и да не заминуваат надвор.

-Секоја година Чешката амбасада во Скопје спроведува развојни проекти и среќен сум што имам можност денеска да го претставам едниот нив што е наречен EDU4IT. Овој проект изнесуваше 1,1 милион денари коишто ги инвестиравме во едуцирање на дваесетина млади луѓе да работат на ИКТ проекти. Ова го одбравме поради тоа што верувавме и видовме дека едукацијата и креирањето можности за младите генерации е клучно за просперитетот и развојот на државата, и затоа многу од нашите проекти ги таргетираат младите луѓе, посочи Томан.

Тој додаде дека овој проект го поддржале не само поради тоа што е иновативен и добро дизајниран, но исто така поради тоа што е можност за зајакнување на сорабоката меѓу двете земји во областа на ИТ секторот.

– Честитам на ИнноХаб за успешната имплементација на проектот и за учесниците, од кои некои од нив веќе успеаја да се вработат за време на обуката и токму тоа беше идејата од самиот почеток, да им дадеме знаења и вештитни и секако да им овозможиме да најдат работа во областите за кои што имаат вештини и да се обидеме да ги задржиме овде во земјава, а не да заминуваат во странство, бидејќи тие се иднината на земјава, подвлече Томан.

Дејан Дескоски, претседателот на ИнноХаб Скопје истакна дека проектот беше реализиран во рамки на Програмата за развој на Чешката Република.

– Успеавме да формираме и искреираме хибриден модел на едукација во форма на стажирање, под директно водство на искусни ментори и работа на конкретни и реални проекти. Учесниците можеа да стејнат нови вештини, да ги зајакнат постоечките вештини, и со тоа да станат директно поконкурентни на пазарот на трудот и сето тоа резултираше со директни понуди за вработувања дури и во текот на обуките. Беа формирани четири тимови кои работеа на иновативни проекти, дел од тие проекти се под водство на наши клиенти и стратешки партнери на Чешка, а дел од учесниците директно беа вклучени во изработка на реализација и подготовка на правната легислатива за платформа за заштита на податоци, која се надевам ќе биде реализирана во најскоро време, истакна Дескоски.