ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

‘Дел на работа, дел од дома’ – Дали во Македонија ќе биде применлив овој модел?

Во светот, особено во државите на Западната хемисфера, наголемо се зборува за работата на далечина кон која се насочија голем дел од компаниите во ек на Ковид-19.  Најмногу од аспект на тоа дали овој модел на работа треба да се задржи или вработените би требало комплетно да се вратат во своите канцеларии. Оваа дискусија предизвика да се размислува и за еден друг модел на работа – комбинираниот. Овој модел им овозможува на вработените неколку дена во неделата да поминуваат во канцелариите, а остатокот од деновите да работат на далечина (на пр. Три дена работа во канцеларија, два дома).

Бобан Илијевски

Голем број од светските компании, од кои најмногу технолошките, веќе започнаа да го применуваат овој модел на работа. Оние компании кои сакаа да ги вратат во целост вработените во компаниите, наидоа на отпор од нивна страна кој беше манифестиран со откази (тука може да се издвои примерот со Ејпл, кога после најавата дека ќе треба да се вратат во канцелариите, дел од вработените дадоа откази).

Каде е Македонија во оваа приказна?  

Во ек на пандемијата со коронавирусот, не беше ставен особен акцент врз работата на далечина во Македонија. Имаше само изјави од страна на Министерката за труд и социјална политика дека овој начин на работа ќе добие свои одредби во Законот за работни односи којшто е во изготвување и за кој се уште дебатираат социјалните партнери на Економско – социјалниот совет. Во јавноста единствено само одредени менаџери за човечки ресурси и универзитетски професори зборуваа на оваа тема, поставувајќи ги предизвиците, предностите и недостатоците на овој начин работа.

Бизнис секторот во Македонија и работата на далечина

И за бизнис секторот оваа тема не беше од големо поле на интерес, со оглед на тоа дека во најголем дел нивното внимание беше посветено кон мерките коишто ги креираше Владата и пресметките како да останат ликвидни во екот на корона кризата.

Порталот Работник побара став во однос на неколку прашања од страна на бизнис секторот, поврзани со работата на далечина, но и флексибилниот модел на работа.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров за „Работник“ рече дека институтот „работа од дома“ забележал голем скок во ек на пандемијата. Според него, многу компании, меѓу нив банки, осигурителни друштва и услужни дејности вовеле работа од дома.

Тој верува дека голем дел од компаниите ќе го задржат овој начин на работа и во иднина, кога ќе помине корона кризата.

Александра Андреева, член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори вели дека изминатата година, корона кризата во голема мера ги изменила работните процеси, потенцирајќи дека многу од компаниите преминале на делумно или целосно работење од дома (на далечина), онаму каде што било возможно тоа да се спроведе.

„Иако можеби на почетокот некои се двоумеа или противеа, факт е дека за опстанок на пазарот неопходно беше прилагодување на системите и процесите. И покрај неизбежните економски потешкотии поради светската криза, сепак работењето од дома во многу компании во Македонија се покажа како успешно во зачувување на фирмите и работните места“, истакна Андреева.

Предности и слабости на работата на далечина?

Предностите на работата на далечина, вели Димитров, се што работникот нема да треба да патува до работа и назад до својот дом. Истовремено, појаснува тој, со работењето ќе има можност да ги гледа децата кои не се на училиште, а може да воведе и флексибилно работно време ако технологијата на работа тоа му го овозможува. Што се однесува до слабостите на овој модел на работа, тој вели дека работникот би имал отежната комуникација со колегите потенцирајќи дека некои пак не би можеле да работат поради тоа што децата не им се „мирни“, а како слаба страна ја наведе и неможноста од директни контакти со клиентите.

Андреева смета дека ова прашање донекаде е субјективно бидејќи зависи од компанијата и вработените на кои се однесува. Сепак, таа како предности ги истакна поголемата флексибилност на работното време и намалените трошоци. Но, посочи дека ова исто така може да доведе до потешкотии во организација на работен простор и намалена продуктивност поради сите фактори кои не опкружуваат во домашната средина.

Најповолно уредување на работата на далечина во законските решенија?

Организација на работодавачи се обидела со своите партнери од ССМ, ова прашање да го доуреди со Општиот колективен договор за стопанство, истакна Димитров, нагласувајќи дека не успеале да се договорат за некои прашања.

Тој вели дека со новиот Закон за работни односи ова прашање ќе се доуреди, притоа нагласи дека во стариот не се разработува доволно.

Пред изготвување на било каква законска регулатива во овој правец, вели Александра Андреева, потребна е сериозна и сеопфатна анализа за потребите на бизнис секторот, од една страна и вработените, од друга страна.

„Со овие анализи би се утврдиле реалните потреби, можности и ограничувања, па дури потоа може да зборуваме за најповолно уредување на овој модел на работа. Но, она што мора да се нагласи, е дека креирање и носење на било какво законско решение мора да биде во инклузивен процес на институциите со релевантни претставници од коморите и синдикатите“, истакна Андреева.

Комбиниран модел на работа – неколку денови во канцеларија, неколку на далечина.

Димитров смета дека во пост ковид периодот најмногу ќе биде застапен токму комбинираниот модел на работа.

„Секогаш ќе се појават работи кога работникот ќе мора да дојде во компанијата и да ги заврши во канцеларија или во друг организационен дел од компанијата. Колку овој модел ќе се применува во Македонија, зависи од нашата структура на стопанството. За разлика од развиените држави каде услугите бележат најголем дел од економијата, кај нас се уште индустријата и земјоделието се носители на економијата. Затоа ако споредуваме со развиените држави ќе имаме помалку работа од дома, но во некои сектори тој вид на работење и кај нас ќе биде и понатаму присутен“, вели Димитров.

Светот се менува и се повеќе се дигитализира, објаснува Андреева дополнувајќи дека факт е дека секоја компанија која сака да опстои и напредува на пазарот мора да ги следи трендовите.

Таа посочи дека ставот на Сојузот на стопански комори и нивните компании членки е дека се она што придонесува за подобрување и унапредување на работата, како комбинираниот модел на работа во случајов, треба да се следи како позитивен пример.

Таа нагласи дека секој сектор и секоја гранка има свои потреби и дека секој бизнис треба да го пронајде оптималното решение за себе.

Фото: Freepik