Колумни

Преговарачката моќ е се повеќе на страната на работниците, но не по секоја цена

Автор: Бобан Илијевски

Досега во моите колумни неколку пати ја имам образложено мојата теорија за тоа дека работниците се повеќе и повеќе стануваат доминанти во работниот однос. Тоа значи дека тие ги диктираат работните услови, меѓу кои и платите. Но, поради тоа што промените кај нас секогаш доцнат, голем дел од работниците немаат сѐ уште сфатено дека преговарачката моќ е на нивна страна.

Верувам дека моментот кога ќе го сфатат тоа, ќе дојде набрзо.

Сепак, тоа никако не значи дека работодавачите ќе ја изгубат својата преговарачка моќ, па моја препорака е работниците многу добро да ги промислат своите потези пред ги откријат пред нив.

Предноста во текот на преговорите не мора секогаш да значи дека вие ќе бидете победници. На крајот од денот, поентата е да биде вин – вин ситуација – вие да го добиете она што го сакате, но и работодавачот.

Јас можам тука до утре да солам памет за тоа дека работниците се тие коишто треба да бидат единствените победници и дека работодавачите треба да ги исполнат нивните барања, но така нема да бидам фер. Зошто? Бидејќи ако работниците поставуваат свои барања и притоа не ги исполнуваат своите обврски, во смисла на унапредување на вештините и знаењата, тогаш во ниеден случај не е оправдано да поставуваат барања.

Само работниците кои ќе инвестираат во своите компетенции, имаат право да бараат повеќе, а работодавачите би требало да ги исполнуваат нивните барања. Доколку не сакате да инвестирате во себе, ја не гледам зошто работодавачот би требало да ве награди.

Во секоја нормална компанија постојат критериуми кои би требало да ги исполнувате за да добиете поголема плата или некој бенефит. Кај нас ги има овие критериуми но во поголемите компании, односно оние кои вработуваат стотици или илјадници работници. Оттаму, поради тоа се залагам во Македонија да имаа повеќе средни и големи претпријатија.

Не велам дека микро и малите компании дека не треба да постојат, но средните и големите треба да бидат во поголем број. Поголема компанија значи и повеќе нивоа за напредување за работниците, што значи и поголеми плати. Не залудно Алкалоид и Скопска Пивара исплаќаат натпросечни плати на своите вработени.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk