Вести

Денес е Денот на Мајката Земја. За Македонија тоа значи 3.800 смртни случаи годишно

На 22 април светот го одбележува Меѓународниот ден на Мајката Земја под мотото „Нашата моќ, нашата планета”. Македонија го пречекува со еден од највисоките нивоа на загадување во Европа и половина милијарда долари годишни економски загуби.

На 22 април 2026 година се одбележува 56-тиот Меѓународен ден на Мајката Земја. Темата оваа година е „Нашата моќ, нашата планета”, повик за колективна акција наспроти климатска несигурност и притисоци врз регулаторните рамки. За Македонија, овој ден не е само симболична дата. Тој е потсетник за еден несреден сметководствен биланс со природата: загаден воздух, енергетска сиромаштија и бавна еколошка транзиција.

Од 1970 до денес: половина век екологизам

Историјата на Денот на Земјата е историја на граѓански притисок кој создал политики. Денот на Земјата е роден на 22 април 1970 година, датум намерно одбран од американскиот сенатор Гејлорд Нелсон и младиот активист Денис Хејс за да падне помеѓу пролетниот распуст и завршните испити, со цел максимално учество на студентите. Тој единствен ден извлекол 20 милиони Американци на улица и ја поттикнал модерната еколошка движење.

Обединетите нации преку Резолуцијата А/РЕС/63/278 го воспоставиле Меѓународниот ден на Мајката Земја, кој од 2009 година се одбележува на 22 април. Резолуцијата ја предложила Боливија, а ја поддржале повеќе од 50 земји членки. Документот признава дека Земјата и нејзините екосистеми се наш дом и дека е критично да се промовира хармонија со природата.

Во 2026 година, мотото „Нашата моќ, нашата планета” потврдува дека еколошкиот напредок е реален, издржлив и непрекинат и покрај политичките неизвесности. Локалните системи, градовите, училиштата и заедниците продолжуваат да имплементираат решенија кои ја зајакнуваат енергетската стабилност, ги зачувуваат ресурсите и го намалуваат ризикот.

Македонија: еколошки аларм во европски рамки

Додека светот ја слави идејата за промена, Македонија влегува во овој ден со конкретни и измерливи еколошки долгови. Европската агенција за заштита на животната средина во извештајот за 2025 година дала уникатно детална слика.

Екстремно загаден воздух, изразена енергетска сиромаштија, неефикасно управување со отпад и бавен напредок во енергетска транзиција се клучните наоди на европскиот извештај за животната средина за 2025 година за Северна Македонија, кој претставува најсеопфатна анализа заснована на податоци од 38 европски земји.

Бројките се тешки. Околу 3.800 животи се губат годишно поради изложеноста на лош квалитет на воздух, и ова претставува 17,7 отсто од вкупната смртност на населението, правејќи ја Македонија меѓу најзагадените земји во Европа. Економските загуби од овие ефекти изнесуваат меѓу 5,2 и 8,5 отсто од бруто националниот производ, или над половина милијарда долари годишно.

Воздухот: проблем кој трае со децении

Загадувањето на воздухот е најдокументираниот еколошки проблем на Македонија. Скопје честопати е рангиран меѓу најзагадените градови во Европа и светот. Нивото на PM10 честички во 2018 година биле над лимитите дозволени од ЕУ 202 дена во годината, а нивото достигнало и PM2,5, мерна единица која ги прикажува најштетните аерозагадувачи за здравјето.

Главните извори на загадување се добро познати. Македонија се соочува со значителни проблеми во однос на квалитетот на амбиентниот воздух. Концентрациите на PM10 и покрај благиот тренд на намалување во последните години и напорите за нивно намалување се очекува да ги надминуваат стандардите, особено во поголемите урбани средини поради географската местоположба во котлини, интензитетот на сообраќајот со стар возен парк, поразвиената индустрија и употребата на нееколошки системи за греење

Енергетска сиромаштија и јаглен: двојниот проблем

Зад загадувањето на воздухот стои структурен социо-економски проблем. Енергетската сиромаштија погодува 23,85 отсто од домаќинствата во Македонија, што е значително над просекот на земјите-членки на ЕУ од 7,5 отсто. Уште посериозен е фактот дека 61 отсто од домаќинствата користат дрва за греење, што дополнително придонесува кон загадувањето на воздухот и деградацијата на шумите.

Овој јазол е тешко да се прекине: домаќинствата горат дрва затоа што немаат пари за поскапи алтернативи, но со тоа го трујат воздухот во кој живеат. Зелената транзиција не може да биде само еколошко прашање, таа мора да биде и социјално.

Отпадот и водата: нерешени задачи

Воздухот не е единствената нерешена задача. Зависноста од депонирањето придонесува за загадување на животната средина, вклучително контаминација на почвата и подземните води, како и емисии на стакленички гасови. Нелегалното фрлање останува проблем, а недостатокот на соодветна сегрегација на отпадот придонесува за ниски стапки на рециклирање.

Значително загадување постои во различните водни површини на државата, вклучувајќи ги реките Вардар, Брегалница и Црна Река, како и Охридското Езеро. Ова главно се должи на неограниченото испуштање загадени води од страна на индустријата, канализациите и агрикултурата.

Планови постојат. Прашањето е имплементацијата

Македонија не е без планови и документи. Со целосна имплементација на директивите за квалитет на воздух, транспонирани или плонирани за транспонирање во националното законодавство во периодот 2025-2026 година, се очекува намалување на емисиите на загадувачките супстанци во воздухот. Министерството за животна средина донесло и Акциски план со краткорочни мерки за чист воздух за периодот ноември 2025 до март 2026 година.

Но хроничниот проблем на Македонија не е отсуство на стратегии, туку отсуство на доследна имплементација. Документите се пишуваат, роковите поминуваат, а воздухот останува загаден.

„Нашата моќ”: што значи тоа за македонскиот граѓанин

Мотото на Денот на Земјата за 2026 година звучи поинаку кога се слуша во Скопје во зима. Денот на Земјата 2026 издава посебен повик за вршење на своето граѓанско право за одбрана на еколошките закони и регулативи кои го заштитуваат човековото здравје и еколошката рамнотежа на нашите територии. Во глобален контекст каде политичките приоритети брзо се менуваат, а економските притисоци закануваат да ги поткопаат регулаторните рамки, информираното и мирно учество на заедницата е поважно од кога и да е.

За македонскиот граѓанин, оваа моќ може да значи конкретни работи: барање одговорност за квалитетот на воздухот, поддршка за забрзување на енергетската транзиција, притисок за имплементација на веќе постоечките планови. Планетата нема да чека на административни одложувања. Ни луѓето кои дишат во неа.

извор:trn.mk