Колумни

Директорите ќе уживаат на тропски острови, а работниците ќе бројат ситни пари за да можат да ги однесат децата на одмор

Бобан Илијевски

Се ближи крајот на јуни. Годишните одмори за некои работници веќе започнаа, барем за оние кои ќе го добијат ова законски загарантирано право од своите работодавачи. Корона кризата ги осиромаши работниците. Илјадници денари беа фрлени на лекови и витамини за лекување на Ковид – 19, што значи дека ковидот значајно удри по џебовите на работниците, од кои најголемиот број се приматели на минимална плата. Од друга страна, големите трошоци укажуваат на тоа дека овие работници нема да можат да ги однесат своите деца на море, а некои нема да можат ни да ги однесат ниту на едно од македонските природни езера, бидејќи немаат доволно пари да платат за сместување, храна, пијалаци итн.

И така, стигнуваме до еден податок којшто вели дека поголемиот дел од работниците можеби ќе добијат годишен одмор, најчесто од десет работни дена, но наместо да одат со своето семејство на летување, тие ќе седат дома и ќе слушаат и гледаат како другите одат на одмор со своите семејства, додека нивните деца со тажен израз на лицето ќе ги прашуваат зошто и тие не отидат во Грција, Албанија или Црна Гора или пак Охрид, како нивните другарчиња од училиште или од улицата на којашто живеат. Нивните родители ќе им го речат она што веќе мене лично ми се има смачено да го слушам, но комплетно го разбирам: „Немаме пари. Другата година ќе одиме“.

Зошто го пишувам сето ова? Денеска додека се враќав од пат во автомобилот слушнав една реченица која отприлика велеше дека короната ги испразни џебовите на работниците и тие нема да можат да одат одмор, но нивните директори ќе можат да си дозволат луксузен одмор. Да бидам на чисто, јас немам ништо против некој којшто со свој труд започнал бизнис и истиот му се развил, по што се стекнал со големи финансиски бенефити, па благодарение на нив може да си дозволи луксузен одмор. Јас сум против оние директори – експлоататори коишто без зрно жал им исплаќаат минимална плата, па дури и под минимална плата на вработените; ги отпуштаат, а притоа земале државна помош; им вршат мобинг и ги деградираат и го злоупотребуваат нивниот труд.

Еве, баш вчера прочитав дека на 100 вработени во текстилната фабрика „Баргала“ во Штип им дисциплина? Ова е некој рекорд.  Европски или можеби светски, не знам, но знам дека овие работнички нема да одат на годишен одмор и што е уште поважно нема да имаат пари да им однесат храна на своите деца. Тука дозволете ми да цитирам дел од статусот на Здружението на текстилни работници „Гласен Текстилец“ од Штип:

„На работниците/чките кои се пожалија дека им е даден отказ поради кршење на ред и дисциплина им е пружена правна помош и во истиот момент е пријавено од Здружението Гласен Текстилец во Државен трудов инспекторат, наведоа од Гласен Текстилец во нивниот фејсбук статус.

Од таму истакнаа дека досега неколку работнички повеле судски постапки преку Здружението „Гласен Текстилец“ против АД Баргала поради откази за кршење на ред и дисциплина и добиле судски спор со тоа што Основниот суд во Штип го усвоил тужбеното барање на една работничка и констатирал дека дадениот отказ е спротивен на законот, а на работодавачот му наложил да ја врати на работи

Ова јасно и гласно укажува на тоа дека веќе судот утврдил дека се даваат незаконски откази, но фабриката наместо престане да ги брка од работа работниците/чките , нејзиното раководство и понатаму продолжува по старо. Сепак, директорот на фабриката ќе може да си дозволи еден луксузен одмор на некој тропски остров, но овие работници нема ни да помислат на летување, туку ќе се мислат како да заработат за да можат да преживеат. Сето ова мора да запре и за тоа треба малку да се помислат креаторите на политиките коишто имаат целосно право да реагираат во овој случај, но дали тоа ќе се случи, јас велам дека наскоро не, но останува да видиме. Не знаеме што ни носи иднината.

Вработените во приватниот сектор се соочуваат со една голема репресија која резултира со нивно бркање од државата. Согледувајќи ги моменталните примери, младите веќе по завршувањето на средното училиште сакаат да заминат од Македонија. Мислам дека треба да потенцирам дека во Македонија често пати се случува да вработени кои работат за мала плата, бидат почитувани од страна на работодавачот, додека оние кои работат за поголема плата, бидат вознемирувани од нивна страна. Редно е веќе да излеземе од овој круг и да поработиме малку кон тоа да го смени менталитетот во насока дека можеш да имаш и голема плата, добри работни услови и да бидеш почитуван од страна на работодавачот. Во Македонија, за жал многу луѓе го велат ова: „Ем сакаш да земаш голема плата, ем сакаш да не трпиш притисок од газдата. Кај го има тоа?“ Ало мислители на оваа закоравена и примитивна мисла, избришете ја веќе од вашите глави. Работниците можат да ги имаат сите услови и сите права, без исклучок. Запомнете го тоа.