МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Работилница: Како да им се помогне на нетипичните работници?

Нетипичните работни места и луѓето коишто работат на ваков вид на работни места беа тема на дискусија на тридневната работилница на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија која се одржа од 24 до 26 јуни. Целта на оваа работилница беше да се пронајдат начини и можности како овие видови на вработени можат синдикално да се организираат, поради нивниот начин на вработување којшто е повеќе несекојдневен.

Имено, во нетипични работници спаѓаат: фриленсери, вработени на договор на дело, определено работно време, сезонски работници итн. 

Се водеше конструктивна дискусија и се дадоа многу предлози за тоа кои се целните групи, кој е начинот на пристап кон различните целни групи, имаше предлози за се она каде КСС како синдикат треба и може да направи промени за да се унапреди синдикалното делување.

Предавачи на работилницата беа професорот по трудово право Лазар Јовевски, Претседателот на СОНК, Јаким Неделков и Претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Секако присутни и со свое излагање беа и претставници на Меѓународната организација на трудот – МОТ кои ја поддржаа оваа активност како една од многуте  на проектот спроведуван од страна на КСС, а го финансира МОТ.

Сите работници имаат право да членуваат во синдикат и нивните работнички права да бидат заштитени, загарантирани и унапредени, имајќи во предвид дека во последните неколку години забележуваме огромно прекршување на работничките права и слободи.

Темата за нетипичните вработувања и можностите за нивното синдикално организирање на глобално ниво се дискутира веќе подолг период и можеме да увидиме дека со различните флуктоации на работниците, промените на пазарот на трудот и дигитализацијата се менуваат многу работи за кои загриженост изразуваат и светските и европските синдикални централи.

КСС како дел од тие конфедерации на синдикати е засегнат од истото и се обидува синдикалната заштита да ја обезбеди и да биде достапна за сите работници независно од нивното работно место, видот на договорот и слично.