Пракса која зема се‘ поголем замав: Вработените стануваат сопственици на компанијата во која работат
Пишува: Бобан Илијевски
Во светот постојат компании коишто делумно или целосно се во сопственост на работниците. Тоа се најчесто акционерски друштва, каде директорот на компанијата, со цел да ги мотивира своите најдобри вработени ги прави акционери. Сепак, не мора да значи дека компанијата мора да биде акционерско друштво за да биде и во сопственост на вработените. Може да се случи и компанија која била во сопственост на еден човек, да стане сопственост и на вработените, поради тоа што сопственикот на компанијата сака да ги мотивира и да им покаже дека компанијата во која работат, не е само негова, туку и нивна, а и секако поради тоа што сака да им овозможи дополнителни бенефити за да останат и своите знаења, искуства и вештини да ги применуваат во неа.
Оваа пракса започна во државата каде што се започнати речиси сите нови процеси – Соединетите американски држави.
Американскиот портал The Atlantic, во 2016 година пишува дека „САД, речиси по грешка и речиси сама меѓу државите во светот, креираше иновативна, практична структура која им овозможува на работниците да бидат сопственици на компанијата во која работат“. Според порталот, во 2016 година имало околу 7,000 американски компании кои делумно или целосно биле во сопственост на своите вработени. Достапните податоци пак, покажуваат дека во 2019 година, имало 13,9 милиони работници кои имале акции во компании, од кои 10,2 милиони биле активни учесници.
„Ова не се мали фирмички или банкротирани компании; тие се конвенционални компании кои се стремат кон правење на профит – најголемиот дел се едни од најдобрите. Компаниите вработуваат еден од секој осми вработен во приватниот сектор. Можат да се пронајдат во секоја сојузна држава, во речиси секоја индустрија и во секоја големина“, пишува порталот The Atlantic.
Тука мора да се напомене дека во Америка се креираат посебни планови познати како ESOP (Employ stock ownership plan) или План за сопственост на акции од страна на вработени.
Една статија на економскиот лексикон Investopedia вели дека за една година, американските компании губат 550 милијарди долари поради тоа што нивните вработени даваат откази од работа. Поради ова, продолжува студијата, многу компании вложуваат напори да ги задржат работниците преку нивна поголема мотивираност. Покрај тоа што им даваат многу поголеми плати, тие им даваат и акции во компанијата во која работат. Според статијата, еден од најпопуларните начини за да се структурира компанија во сопственост на вработените е токму преку Планот за сопственост на акции од страна на вработени или Employee Stock Ownership Plan (ESOP).
ESOP е всушност труст фонд, што според економскиот лексикон Investopedia е алатка за планирање на недвижности која воспоставува легален ентитет за да може да ги чува средствата на одредено лице или организација. На неутрално трето лице,наречено доверител, му се дава задача да менаџира со средствата. Труст фондовите можат да чуваат различни средства, како пари, недвижности, акции, бизниси или комбинација од многу други видови на сопственост или средства. Трустовите можат да се формираат во вид на многу форми.
Статијата на Investopedia објаснува зошто компаниите кои се во сопственост на вработените се успешни. Вели дека во еден Извештај објавен од Фондацијата на вработени – сопственици на компании истакнува дека: „вработените – сопственици имаат поинаков пристап кон нивната компанија, работа и нивните одговорности што ги прават повеќе ефективни и ги зголемуваат шансите за успешноста на компаниите.
„Фундаментално, вработените – сопственици се повеќе одговорни за нивниот перформанс во работата, како и на тој на нивните колеги, бидејќи се заложуваат за успех на компанијата“, вели Извештајот.
Статијата на Investopedia издвојува шест компании во САД кои се во сопственост на своите вработени, од кои ние тука ќе анализираме една. Останатите пет можете да ги погледнете на следниот линк.
Publix супер маркети
Со 1,272 продавници и повеќе од 225,000 вработени, Publix супер маркети е една од најголемите компании во САД која е во сопственост на работниците. Во 2019 година, Publix забележал продажба во износ од повеќе од 44,9 милијарди долари.
Според Форбс магазинот, ова ја прави таа да биде петта по ред најголема приватна компанија во САД во 2019 година (ова го покажуваат податоците од јули 2021 година). Таа била формирана од страна на Џорџ В. Џенкинс во далечината 1930 година. Компанијата пополека станала еден од најголемите ланци на маркети во САД. Сите работници на Publix добиваат акции во компанијата по една година работа во истата.
Компании во сопственост на работници во Европа
На 31 март 2021 година, Европската Федерација на вработени – сопственици на акции го објавила својот извештај за вработените – сопственици во Европа во 2020 година. Според тој извештај, бројот на вработени – сопственици во големите јавни компании забележува раст од 2016 година, со што заклучно со 2020 година, 7,1 милион вработени се акционери во 2,723 најголеми компании во 32 европски држави.
На вработените во Европа им се нудат повеќе опции за добивање на акции.
„Многу од овие планови се доброволни, овозможувајќи им на вработените право да купат акции, додека трендовите на учеството на вработените се мешани. Процентот на компании кои нудат широко појасни планови се зголемува секоја година, од 33 %, во 2006 на 53 % во 2020 година“, вели Извештајот на Федерацијата.
Компании во сопственост на работници во приватниот сектор во Европа
1 милион мали и средни компании во Европа биле во сопственост на вработените во 2020 година. Две европски држави – Обединетото Кралство и Франција, имаат повеќе од 100 приватни компании кои во најголем дел се во сопственост на вработените и истите имаат 100 или повеќе вработени. Три други држави (Шпанија, Италија и Чешка Република) имаа 10 или повеќе вакви компании.
Листа на европски компании кои се во сопственост на работници
- Роше (Швајцарија, 3 % од акциите се на работниците)
- Адјен (Холандија, 22 % од акциите се на работниците)
- Винчи (Шпанија, 12 % од акциите се на работниците)
- Мондрагон (Шпанија, 91 % е во сопственост на работниците)
- Тотал (Франција, 6 % во сопственост на работниците).
Најголеми компании во Европа, каде најголемиот дел од акциите се во сопственост на вработените.
- Мондрагон (Шпанија, 82,000 вработени)
- Џон Луис Партнершип (Обединето Кралство, 81,000 вработени
- СТЕФ (Франција, 19,000 вработени)
- Мануетнкоп (Италија, 18,000 вработени)
- Аруп Груп (Обединето Кралство, 16,000 вработени).
Очекувањата се да продолжи растот компании кои ќе бидат во сопственост на вработените, со оглед на тоа дека се случува голема флуктуација на работната сила насекаде во светот. Компаниите сакаат да ги задржат најдобрите вработени, па тоа го прават токму преку воведување на вакви бенефити. Во некои компании акциите им се даваат на вработените како компензација за нивниот труд, додека во други, тие имаат право да ги откупат. Сепак, се‘ повеќе се применува праксата каде на вработените, покрај големите плати им се даваат и акции во самата компанија, без притоа тие да сносат никакви трошоци за тоа. Земајќи го ова во предвид, може да се заклучи дека компаниите се подготвени да воведат различни позитивни пракси за да ги зачуваат најдобрите вработени.
Фото: Freepik
