До кај сте со платите…?
Автор: Бобан М. Илијевски
Младите луѓе си заминуваат не можејќи повеќе да го истрпат сето она што се случува во Македонија. Од власта велат дека се залагаат за луѓето да останат во државата, но начинот на кој ја водат, не го покажува тоа.
1. Младите продолжуваат да заминуваат од Македонија разочарани од нефункционалноста на системот кој повеќе од 30 години не може никако да се оправи. Не знам дали „не може“ е точниот израз или пак поточно е да се каже дека не се сака. Мене ми изгледа дека е второто – да сакаа, досега ќе бевме функционална демократска земја, но изгледа дека состојбата на апатија кај народот многу повеќе им одговора, па не мрдаат со прст да направат нешто, за работите да се подобрат. Да се намалат корупцијата и криминалот. Да се работи на економскиот развој, од кој во голема мера зависат отворањето на нови поплатени работни места во приватниот сектор. Да се носат странски инвестиции од индустрии кои даваат поголеми плати. Има ред други работи кои треба да се направат, но како и што напишав погоре, очигледно им одговора ваквото статус кво во државата.
Младите, но и останатите луѓе, во речиси секое направено истражување или анкета велат дека би се иселиле од Македонија и не само што велат, туку тоа го прават. Државата ни губи население, работоспособни луѓе, на кои доколку им се даде можност, можат многу да придонесат за ова мало парче земја да стане убаво место за живеење од кое луѓето нема да се иселуваат поради нејзината нефункционалност. Точно е дека и од Норвешка, една од економско најразвиените држави во Европа и светот, луѓето се иселуваат, но не масовно како кај нас. Плус, таму најчесто се иселуваат во други земји за да ги искусат нивните културни и традиционални вредности, а од кај нас бидејќи не можат да поднесат да живеат во држава каде неколку моќници профитираат на нивен грб.
2. Во последните неколку недели и пензионерите од речиси сите градови низ државата го искажаа својот револт од малите пензии и побара тие линерално да се зголемат за 3,500 денари. Без разлика на тоа колку имаат стаж, тие заслужуваат да добијат пензии кои ќе им дозволат пристоен живот. Луѓето со години работеле и придонесувале за државата, па оттаму мислам дека не е потребно да се зборува за тоа колку заслужуваат поголеми пензии, бидејќи тоа е веќе познато.
3. И после неколку месеци од одлуката на Уставниот суд со која на назначените и именуваните лица платите им се зголемија за 78 %, се нема абер да се донесе Закон кој ќе ги врати како што беа претходно. И тешко дека ќе има. Дури и сегашната опозициска партија да дојде на власт, според мене, нема да се донесе таков Закон. Џебот веќе им се продлабочи, па мала е веројатноста дека ќе им се стесни.
Функционери, бидете паметни и немојте да велите дека нема доволно пари за вработените, бидејќи вашите плати пораснаа на над 150,000 денари. Ги револтирате уште повеќе, а изборите се ближат.
Аудио Подкаст:
[ai_playlist id=”284039″]

