МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк

Независниот синдикат најавува можен бојкот на наставата бидејќи се незадоволни од ниските плати и најавата за зголемување од септември за 10%, непочитување на колективните договори и најавените измени во образованието кои ги сметаат за незаконски. Претседателот на синдикатот Гиевски во интервју за Слободна Европа вели дека просветните работници се платени под просекот и земаат плата од 29 200 денари. Вели дека доколку се почитува колективниот договор примањата би има биле двојно повисоки.

„Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Се разбира, доколку и побројниот синдикат го искористи тоа право, ние сме тука да се солидаризираме и да ги окрупниме силите за да ја оствариме таа цел. Доколку се спроведе во целост колективниот договор, онака како што е напишан, на ист начин на којшто јавните функционери го испочитуваа законот и си ги зголемија платите за 78 проценти, почетната плата на просветните работници треба да биде 2.5 пати повисока од минималната плата.“ изјави Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образование и наука.

СОНК не чуле за штрајкот, нема да ги поддржат додека не им ги чујат аргументите. Велат дека се во преговори со МОН за нов Колективен договор.

Изминатиов период низа државни институции излегоа на протести незадоволни од ниските плати. УЈП и Царина се договорија за зголемување од 30%, а наредниот месец сите вработени во јавниот сектор ќе добијат линеарно зголемување на платите од 10%, согласно новиот колективен договор кој го потпиша ССМ со Влада.

Револтот кај буџетарите се појави откако функционерите добија 78% зголемување на платите, поради одлука на Уставниот суд. Тоа на нозе ги крена и пензионерите кои протестираат веќе неколку недели.

Надлежните сега подготвуваат закон за минимална пензија, но и закон за плати во јавниот сектор кои очекуваат да бидат готови до крајот на годинава.

Извор: Канал 5