Европа работи сè помалку: Зошто и каде опаѓа бројот на работни часови?
Во последната деценија, Европејците поминуваат сè помалку време на работа. Според најновите податоци на Евростат за 2024 година, просечната работна недела во Европската унија е скратена за еден час во однос на пред десет години. Во речиси половина од анализираните 34 европски држави, овој пад е уште поизразен.
Кој работи најмногу, а кој најмалку?
Најкратка работна недела е забележана во Холандија – 32,1 час, додека на врвот на листата е Грција со просек од 39,8 часа неделно. Во поширокиот европски регион, рекордер е Турција со дури 43,1 час.
Србија е исто така меѓу државите со најдолга работна недела – 41,3 часа, додека Босна и Херцеговина (41,1) и Црна Гора (42,8 според податоци од 2020 година) имаат слични резултати. И во Македонија не е ништо поразлично.
Општо гледано, земјите од југот и истокот на Европа работат повеќе, често поради пониски плати, поголемо учество на неформална економија и помал број на вработени со скратено работно време.
На спротивниот крај се северно- и западноевропските земји – Холандија, Норвешка, Австрија и Данска – каде што работната недела е околу 33 часа. Овие држави се карактеризираат со висока продуктивност, силни работнички права и флексибилни работни модели.
Во големите економии на ЕУ, како Италија (36,1) и Шпанија (36,4), просечното работно време е малку над европскиот просек. Велика Британија бележи ист просек како Шпанија, но последните официјални податоци се од 2019 година, па можно е бројките денес да се пониски.
Како се менувало работното време во изминатите 10 години?
Во периодот од 2014 до 2024 година, само четири земји забележале пораст на неделното работно време – Литванија, Кипар и Малта со минимално зголемување, додека во Србија работното време е зголемено значително: за 1 час и 42 минути.
Во 16 држави работната недела се скратила за повеќе од еден час. Турција предничи со намалување од 3 часа и 48 минути, а потоа следи Исланд со 3,5 часа помалку. Белгија и Луксембург го скратиле времето за 2,5 часа. Слични трендови се забележани и во Данска, Австрија, Германија, Естонија, Чешка, Португалија и Хрватска.
Зошто се намалува работното време?
Според експертите, главната причина за овој тренд е порастот на бројот на лица кои работат со скратено работно време. Тоа е особено изразено во секторот на услуги и меѓу жените, кои сè почесто влегуваат на пазарот на трудот. Додека полно работно време останува речиси непроменето од 80-тите, сè повеќе луѓе доброволно избираат да работат помалку – особено самовработените.
Анализите на Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд укажуваат дека ова е резултат на долгорочни трендови: технолошкиот напредок, флексибилните работни аранжмани, зголемувањето на приходите и благосостојбата – сето тоа овозможува луѓето да работат помалку, бидејќи можат финансиски да си го дозволат тоа.
Иако околу 10% од вработените би сакале да работат повеќе часови, мнозинството од оние кои работат скратено, тоа го прават по сопствен избор, а не поради принуда.
Извор: BIZlife.rs

