ЕкономијаМакедонијаНовости

Економските советници се запознаа со туристичките потенцијали на Берово

   Време за читање 1 минута

Информативната тура за запознавање со можностите и капацитетите за инвестиции, извоз и туристичка понуда на РС Македонија, претставници од Министерство за надворешни работи синоќа ја продолжија во Берово, каде на заедничка средба со претставници од општинската администрација и бизнис секторот се запознаа со туристичките и инвестициските потенцијали на општината.

Целта на посетата меѓу другото како што информираа од Општината беше и запознавањето на Берово како туристичко место.

-Меѓу главните цели на средбата беше и продлабочувањето на соработката меѓу Општина Берово и Министерството, да се презентираат потенцијалите на Берово, за инвестиции и развој, особено во делот на туризмот. Се надевам дека го запознаа Берово, со сите негови потенцијали и очекувам дека соработката понатаму ќе продолжи, во насока на развој на туризмот во општина Берово и нови инвестиции, информираа од Општината.

Можностите за развој и инвестиции на општината, трите индустриски зони, од кои една мало и лесно стопанство, градска зона и слободната економска зона, беа презентирани од страна на раководителот на Одделението за ЛЕР при општина Берово, Ѓорѓи Пеовски, кој даде посебен акцент на туризмот како стратешка гранка, а исто така неизоставен дел од презентацијата беа и традиционалната храна, земјоделските производи и еколошки недопрената природа.

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекецски додаде дека преку остварувањето на директни средби на економски советници со претставници на локалната самоуправа и стопанственици, економските советници кои ќе бидат на мисија во Анкара, Абу Даби, Варшава и Минхен ќе ги запознаат потенцијалните инвеститори со потенцијалите на општината. Во рамките на средбата компанијата „Агромах“ од Берово изрази интерес, за натамошна соработка преку економскиот советник од Турција во Анкара.