ЕСМ: Купената струја е за училишта, болници и компании за храна
АД ЕСМ објави дека е зголемено производството во текот на 2021 за 26 отсто и дека електричната енергија што ја купува увозно е наменета за училиштата, болниците и за команиите кои произведуваат храна.
„Набавките на електрична енергија коишто ги прави ЕСМ Продажба, се наменети за дополнителните снабдувања кои се вршат по задолженија добиени од Владата, според кои со дел од преостанатата произведена електрична енергија, а дел набавена, се снабдуваат по пониска цена количините за техничките загуби на енергија во мрежата на Електродистрибуција и во мрежата на МЕПСО, за да не дојде до покачување на крајната цена на струјата за граѓаните.
По одлука на Владата, со субвенционирана енергија, односно со значително пониски цени, се снабдуваат прехранбената индустрија, училиштата и водостопанствата.
По препораки од Владата, ЕСМ Продажба по берзански цени, но со пониска маржа снабдува и одреден број витални објекти, како болници, клиники, детски градинки, министерства и други субјекти од значење за државата“, велат од таму.
Во изминатото деноноќие преку ЕСМ Продажба набавени се 3.940 мегаватчасови електрична енергија. Тоа е електрична енергија, според ЕСМ, наменета за болници, градинки, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура во државата.

