Коментар

КОМЕНТАР: Ако не испраќаат повратни одговори, тогаш не треба ни да се чудат зошто не можат да најдат работници

Од она што можам на да го видам на LinkedIn, луѓето се доста бесни кога станува збор за не добивањето на никаков одговор од страна на компаниите на кои им испраќаат апликации за работа. И сметам дека со право се бесни.

Кандидатите понекогаш трошат и по цел ден за да го ревидираат CV-то, да напишат мотивациско писмо и да одговорат на дополнителните прашања кои ги бара компанијата. Тоа според мене е вложен труд, кој откако ќе наиде на ѕид, испаѓа дека бил залуден.

Повеќе пати претходно имам пишувано за писмата за одбивање, а и неодамна направив интервју со Викторија Дамчевска, професионалец од областа на човечките ресурси на оваа тема. Таа дава многу добро и длабинско објаснување кое компаниите и тоа како треба да го земат предвид. Интервјуто можете да го прочитате тука.

Поентата со овој коментар не ми да се правам експерт во нешто во што не сум, туку само да потсетам дека компаниите би требало да им даваат повратни одговори на кандидатите. Подобро е да им речат „не, благодарам“, отколку да ги ставаат во неизвесност. Зашто ставањето на кандидатите во неизвесност создава лош имиџ за компанијата. Што мислите, каков осврат ќе напишат кандидатите за компаниите од кои не добиле никаков фидбек? Дефинитивно не добар.

После нека не се чудат зошто не можат да најдат работници.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk