Зошто сè повеќе луѓе во Германија имаат две работни места? (Анкета за читателите)
Да се има два работни ангажмани – нешто што е вообичаено во САД – до скоро беше реткост во Европа. Но, сè повеќе Германци, особено млади, покрај редовната работа избираат и дополнителен хонорарен ангажман.
Шетање кучиња, работа како статисти во филмови или продажба на ракотворби преку интернет – ваквите дополнителни работи стануваат сè попривлечни. Според Институтот за истражување на пазарот на трудот и занимањата (IAB), во 2023 година околу 4,5 милиони Германци имале дополнителна работа со скратено работно време. Во 2013 тој број изнесувал 3,2 милиони.
„Работите со скратено време во секој случај стануваат сè популарни. Нивниот број неодамна порасна за околу пет проценти, а речиси секој деветти сега има вакво вработување“, вели Катарина Лит, членка на управниот одбор на банката Raisin, за финансискиот магазин на јавниот сервис ARD „50k“ кој се емитува на Јутјуб.
Креативност и финансиска независност
Ова не секогаш е поврзано само со пари. „Често станува збор за реализација на сопствени идеи и развој на вештини. Многумина се прашуваат: дали можам моето хоби со тек на време да го претворам во професија или бизнис?“, додава Лит.
Извештајот за работно време во Германија од 2021 година покажува дека 36% од вработените работат дополнителна работа затоа што уживаат во тоа – хобито им носи и креативна реализација и дополнителна заработка.
Истражување на платформата Intuit пак открива дека речиси половина од оние со хонорарна работа сакаат да станат „сами свои шефови“, а 42% се мотивирани од желбата да се занимаваат со нешто што навистина ги исполнува.
„Генерација со дополнителни работи“
Трендот е особено изразен кај младите. Анкетите покажуваат дека две третини од лицата на возраст од 18 до 35 години веќе имаат дополнителен ангажман или планираат да го започнат. Дури 65% од нив сакаат и понатаму да комбинираат две работни места.
Тоа, според експертите, укажува на фундаментална промена во односот на новите генерации кон работата, животниот стил и финансиската независност.
Законски олеснувања и дигитални платформи
Законот во Германија исто така ја охрабрува оваа пракса. Од 2023 година дополнителните работи за лицата со редовно вработување се ослободени од данок, како и од придонеси за здравствено и социјално осигурување. Постои само обврска за пензиско осигурување, но со можност за делумно ослободување.
Работодавачите не смеат да им забранат на вработените да имаат дополнителен хонорарен ангажман, сè додека тој не влијае врз главната работа и не е во конкуренција со неа.
Истовремено, интернет-платформите доживуваат експанзија – од Etsy за продажба на ракотворби, до Teachable за онлајн курсеви и OnlyFans, каде корисниците нудат сопствена содржина.
Шанса за заработка, но и ризици
Дополнителните работи можат да донесат пристојна заработка – пример е Винсент Вилком, кој од свои хонорарни активности и инвестиции денес остварува над 11.000 евра месечно. Но, неговата приказна покажува дека успехот бара трпение – првиот милион го заработил дури во четвртата деценија од животот.
Сепак, експертите предупредуваат дека малкумина можат да се збогатат преку хонорарна работа. Половина од Германците кои работат дополнителна работа заработуваат под 500 евра месечно, додека само една петтина остварува помеѓу 500 и 2.500 евра.
„Генерално, тешко е да се збогатите од дополнителен ангажман. Подобро е тие пари паметно да се инвестираат“, вели Катарина Лит, која истовремено предупредува да се избегнуваат пирамидални шеми и мулти-левел маркетинг кои често ветуваат „брзо збогатување“.
Извор: b92.net

