ПравдаСветот на работникот

Инспекторатот за труд ќе изврши само надзори дали на вработените во маркетите им е исплатен додаток за работа на празник и во недела

На 2 јануари нашата Редакција испрати прашања до Државниот инспекторат за труд за тоа дали трговските субјекти кои не се опфатени со исклучоците од законското решение за недела неработен ден ќе бидат санкционирани поради тоа што го прекршија истото, како и дали препораката донесена на Влада може да биде над Законот за работни односи?

Од ДИТ ни одговорија да се обратиме до Министерството за економија, по чиј предлог на 28 декември беше донесена препораката, бидејќи истата се однесува на трговците коишто вршат трговија на мало чија дејност е уредена со Законот за трговија.

Државниот инспекторат за труд, наведоа, согласно своите надлежности ќе изврши вонредни инспекциски надзори за месеците декември и јануари, во насока на тоа дали на работниците им е исплатен додаток за работа на празник и за работа во недела согласно закон и колективен договор.

Од ДИТ не ни дадоа одговор на прашањето дали една препорака може да биде над закон, а и од она што ни го посочија во одговорот, се чини дека нема да се проверува дали е прекршено законското решение за недела неработен ден.

Инаку, порталот Работник веќе побара одговор од Министерството за економија. Истиот, потсетуваме, гласеше:

„Во врска со Вашето прашање Ве информираме дека Владата, со одлука на седница на Владата препорача, за време на новогодишните и божиќните празници, односно на деновите 31 декември 2023 година и 1 јануари 2024 година, како и 7 јануари и 8 јануари 2024 година, да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало.

Целта на оваа препорака, според Министерството за економија е да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните за време на празниците, посебно во помалите градови и места каде нема трговски центри (молови). 

Исто така, како што е образложено, за време на новогодишните и божиќните празници е зголемена посетеноста од страна на туристи низ целата држава, поради што има и потреба да се овозможи да пазаруваат, а со што ќе допринесат во растот на потрошувачката во државата.“

Работник денеска, но и завчера објави два текста каде познавачи на правото и експерти тврдат што е спорно во целиот овој случај:

Фото: depositphotos

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk