ИнтервјуаНовостиСветот на работникот

Интервју со работодавач: На работниците треба да им се понуди разумен опсег на плати кога аплицираат за работа

   Време за читање 11 минути

Разговараше: Бобан Илијевски

На кандидатите за работа треба да им се понуди опсег за тоа колку би изнесувала платата на работното место за кое аплицираат, а поконкретна понуда да им се даде откако ќе се утврди дали ги исполнуваат минималните критериуми ли можат да понудат нешто повеќе, вели Благоја Грозданов, работодавач и менаџер на „Конто Профит“, компанија за сметководствени, консалтинг услуги, обука на кадри и вештачења, во интервју за Порталот Работник.

Според него, многу повеќе се важни компентенциите на кандидатите, отколку тоа колку плата земале на претходното работно место. Оттаму, смета дека не треба во текот на интервјуто за работа да се поставува прашањето „Колку плата сте земале на претходното работно место?“

Грозданов зборуваше и за тоа како е да се биде претприемач во Македонија, оценувајќи ја состојбата како континуирана борба и „пливање низводно“. Тој вели дека државата на микро и малите бизниси гледа како на противници , а не како на партнери.

„Ова води кон создавање на атмосфера на недовераба меѓу стопанството и државата, во моменти кога напротив, треба да се соработува и да се насочи фокусот кон решавање на заедничките проблеми“, вели Грозданов. 


Работник: Како работодавач, што е она што најмногу го барате од кандидатите за работа? Дали поважни Ви се искуството и образованието или други критериуми?

Грозданов: Искуството и академската позадина се секако важни, но никако единствени критериуми при вработување. Важно е да се идентификува и желба за учење и надградување кај кандидатите, присуство на самодоверба и способност за тимска работа и вклопување во постоечката работна средина. Всушност сметам дека најважно е кандидатот да поседува знаења, вештини и карактерни предиспозиции компатибилни со оние кои веќе постојат во работната средина, со кои ќе се задржи кохезијата во тимот а притоа ќе се зголеми вкупниот капацитет за извршување на работни активности и ќе се збогати збирот на расположливи вештини и знаења.

Работник: Како гледате на пазарот на трудот во Македонија? Има ли надеж работниците, особено оние квалификуваните, да ги задржиме тука? Што според Вас е потребно за да се направи тоа?

Грозданов: Ситуацијата на пазарот на трудот во моментов е крајно дис –  балансирана. Од една страна имаме недостиг на кадар скоро во секоја дејност каде се потребни некакви влезни квалификации или вештини, а од друга страна продуктивноста на нашата работна сила е ниска. Како што рековте и вие, квалификуваниот кадар се почесто се решава да ја напушти Македонија во потрага по подобри услови за работа, но и општи животни услови во странство.

Благоја Грозданов – Менаџер на „Конто Профит“

Зголемувањето на минималната плата според мене дополнително ќе влијае на влошувањето на продуктивноста бидејќи ќе дојдеме до ситуација во која резултира со мала разлика од минималната плата до повисоко платените работни позиции што секако ќе може да влијае на мотивацијата кај вработените.

Од трошочната страна, кај исплатувачите огромен притисок прават придонесите за задолжително социјално осигурување кои заедно со данокот на личен доход изнесуваат околу 50% од нето платата на вработените, кој трошок прави да е тешко, особено за микро и малите фирми да понудат компетитивни нето плати. Мислам дека треба да се размислува во насока на реформи во оваа област кои ќе овозможат простор за повисоки почетни нето плати и простор за континуирано зголемување на истите со текот на акумулацијата на работното искуство на вработените. Во моментов со оглед на вкупниот даночен товар кој произлегува од платите, нормално е тоа што многу работодавачи се принудени да смислуваат „креативни“ мерки за нивно избегнување.

Но сметам дека не е се до платите. За да се задржат добрите вработени треба да се понуди комплетен „пакет“ кој вклучува можност за личен и професионален раст и развој на вработените во работната средина, пристојни работни услови, пријатна работна атмосфера и дополнителни покреативни форми на плаќања (на пример животно осигурување, приватно здравствено осигурување, уплати во трет пензиски фонд и слични шеми за лојалност). Мислам дека клучот е во комуникацијата меѓу работниците и работодавачите. Во моментов има и голем јаз меѓу реалните можности и очекувањата кај двете страни, а тој јаз се надминува само со континуирана комуникација.

Работник: Едно од прашањата кои јавно ги постави Порталот Работник е дали треба да се сузбие познатата деловна пракса, кога за време на интервју за работа на кандидатот му се поставува прашањето „Колкава плата земаше на претходното работно место?“ Како работодавач, кој е Вашиот став околу ова? Дали ова прашање треба да се постави за време на интервју за работа?

Грозданов: Сметам дека платата и целиот пакет на работни услови кои ќе се понудат пред се треба да зависи од можностите на работодавачот, неговите планови и буџет, од збирот на вештини, знаења и останати карактеристики на кандидатот со кои тој ќе придонесе кон креирањето на вредност од страна на работодавачот и од компитабилноста со постоечката работна средина.

Прашањето за плата на претходно работно место не би требало да игра голема улога во платата која се нуди. Можеби овој кандидат, со неговите знаења, компетенции и карактерни особини може многу повеќе да придонесе кон работната средина во мојата фирма, отколку што можел во претходната? Тоа треба да го оцени самиот работодавач во рамки на процесот за избор на кандидати и да даде адекватна и издржана понуда.

Затоа сметам дека е непотребно да се поставува вакво прашање.

Работник: Исто така, нашата редакција јавно го отвори прашањето за транспарентноста на платите, односнo дали работодавачите треба да бидат обврзани да им дадат листа на плати на кандидатите за работа, за да тие знаат колку изнесува платата на конкретната работна позиција на која аплицираат. Што мислите околу ова?

Грозданов: Во однос на ова прашање сметам дека е фер при самиот оглас за вработување на кандидатите да им се даде разумен опсег на понудена плата. На пример за ова работно место се нуди нето плата помеѓу 20.000 и 30.000 денари.

Би сугерирал да се презентира опсег, а конкретната понуда да е во зависност од тоа дали ќе се пријават кандидати кои ги исполнуваат минималните услови за вработување на конкретната позиција или кандидати кои нудат нешто повеќе.

На овој начин и ќе се намали јазот во очекувања, бидејќи кандидатите ќе знаат од прилика за какви плати станува збор. Секако опсегот треба да е разумен и да има некакво значење. Би немало значење ако работодавачот објави понудена плата од 18.000 до 60.000 денари, но ако опсегот е на пример во рамките на +35% од минимално понудената плата веќе ќе има даде некаква претстава на кандидатите.

Работник: Да се осврнеме малку на претприемништвото. Како е да се води бизнис во Македонија и дали се исплати да се биде претприемач?

Грозданов: Во оваа бизнис клима претприемништвото значи континуирана борба и пливање низводно. За жал, државниот апарат најчесто гледа на малите и микро бизниси како на противници наместо како на партнери. Ова води кон создавање на атмосфера на недовераба меѓу стопанството и државата, во моменти кога напротив, треба да се соработува и да се насочи фокусот кон решавање на заедничките проблеми.

Услугите кои се добиваат од државните институции во најголем дел се исклучително неквалитетни, спори и неефикасни а државните институции меѓу себе се неусогласени.

Огромен проблем претставува и сивата економија која создава нелојална конкуренција против која е скоро невозможно да се бориме како бизнис сектор без соодветна поддршка од државата. А впечатокот е дека на државата и е полесно да ги зголеми давачките за постоечките легални бизниси отколку да се справи со оние кои работат „на црно“ и да ги „внесе во систем“.

Во овие услови е исклучително тешко да се обезбеди раст и развој, особено за оние кои се свртени кон домашниот пазар. Зголемените трошоци ја намалија потрошувачката моќ на населението а притоа зголемените трошоци за суровини, материјали, плати и придонеси и енергенси ги зголемија трошоците за работењето.

Но, во секој случај сметам дека овие услови за работа нема да опстојат на долг рок. Ситуацијата среднорочно мора да се стабилизира. Доколку до тогаш „се приживува“, тогаш секако во ред е да се очекува нормален принос за преземениот претприемачки ризик кога ќе се стабилизраат состојбите.

Работник: Каква бизнис година ќе биде 2022 според Вас? Кои се Вашите очекувања?

Грозданов: Искрено мислам дека каква да е попрецизна прогноза би била паушална бидејќи многу зависи од неекономски фактори. Не верувам дека во блиска иднина ќе се вратиме на нивото на економска активност од пред 2019 година, но во секој случај мора да влеземе во некоја „нова реалност“ и да се стабилизираме на некое ново ниво. Врзано во период покус од 3 години ни се случија здравствено економската криза предизвикана од корона и вооружен судир во Европа кој веќе има „домино ефект“ и во македонската економија.

Моите лични очекувања се дека ќе влеземе во фаза на стабилизација најрано од последниот квартал на 2022, или пореално на почетокот на првиот квартал 2023.

Во текот на 2022 година не гледам опстојување на клима на раст и развој, пред се мислам дека фокусот ќе е ставен на „преживување“.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси