И ПОКРАЈ РЕАКЦИИТЕ НА ЈАВНОСТА, ВЛАДАТА НЕ ЈА ПОВЛЕЧЕ ПРЕПОРАКАТА, А ВРАБОТЕНИТЕ СЕ НА РАБОТА – Ампева со претставки до Трудов за прекршување на Законот за недела неработен ден
И покрај сите реакции од страна на здруженијата за заштита на работничките права, синдикати и политички партии, денеска маркетите работат. Спроти мојата зграда има два маркети кои не се во склоп на трговски центри и кои во претходните недели не работеа, но денеска тоа не е случај. Законот за недела неработен ден денеска се прекрши, а истото доби одобрување и од страна на Владата која преку препораката што ја донесе им даде „потпора“ на маркетите да работат за време на празниците.
Пошироката јавноста им даде поддршка на вработените во маркетите. Социјалните мрежи „трештеа“ од коментари, но сепак тоа ништо не промени.
Вчера и политичката партија Левица излезе со своја реакција, во која рече дека препораката на Владата е уште еден доказ дека работи спротивно на интересите на работничката класа. Претходно и дел од експертите го изнесоа својот став по однос на ова и истиот беше во насока на тоа дека се прекршува членот 134 од Законот за работните односи.
Кристина Ампева, Претседателката на Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ денеска преку Фејсбук статус информираше дека поднела претставки до Државниот инспекторат за труд за прекршување на законското решение за недела неработен ден.
Си пратив до трудова дека маркетите работат кои не се во склоп на трговски центри, нели согласно закон. Барам да се почитува законот со кој се вели дека е недела неработен ден. Па сега чекам одговор. Не може препорака од таче да биде пред законот. Ако е така, ондак нека не бараат од нас да почитуваме закони. Ако е анархија за капиталот, нека биде и за нас сите, напиша Ампева.
Фото: depositphotos

