Останато

КАКОВ ИЗМАМНИК! ОСУДЕН Е МАКЕДОНЕЦ КОЈ ГЛУМЕЛ АДВОКАТ И ПОСРЕДНИК ПРИ ВРАБОТУВАЊЕ

Македонецот А.В. е прогласен за виновен од Општинскиот суд во Дубровник и е осуден на една и пол година затвор за извршени неколку измами во Дубровник, пренесува dubrovnickidnevnik.hr.

Општинскиот суд пресудил дека Македонецот А.В. од Скопје е виновен што на 22 септември 2022 година во Дубровник лажно го претставил братот на својот познаник Н.Ј. и побарал од него да му уплати износ од преку 5,000 евра, за да Н.Ј. излезе од затвор. Исто така, Македонецот побарал и дополнителна уплата од 146 евра за судски трошоци. Неговиот брат, Г.Ј., поверувал во ова, па ги платил наводните судски трошоци.

Македонецот А.В. на сличен начин го измамил и Дубровчанецот М.П.. Тој по телефонски пат му се претставил како адвокат на Н.Ј. и од него побарал да му уплати 400 евра како осигурување за пристап на рочиштето и му ветил дека ќе му го врати тој износ доколку сведочи. М.П. му поверувал и му платил.

„Со цел да прибави противправна имотна корист, преку лажно прикажување довел некого во заблуда и со тоа го навел да наштети на својот имот“, се наведува во образложението на Судот.

Инаку, Македонецот на 8 октомври 2022 година, во Дубровник побарал сместување и храна во хотелот Беркелеј, а вработените во тој хотел му ги овозможиле услугите, но тој немал намера да ги плати трошоците, па го напуштил хотелот со долг во износ од 257 евра.

Но, неговите измами тука не престанале. Имено, тој на 29 октомври 2022 година од двајца државјани на Македонија побарал да му ги предадат пасошите и да му уплатат 315 евра, лажно наведувајќи дека за тој износ ќе им извади дозволи за престој во Хрватска. Тој ги зел парите, но не постапил по ветеното.

Во своја одбрана изнел детали дека Н.Ј. му рекол да се претстави како негов адвокат и му дал насоки што да прави, а се со цел да се поднесе пријава против него. Братот на Н.Ј. рекол дека Македонецот и неговиот брат дека наводно се знаат, бидејќи пред 4 години се запознале на Лопуд, каде неговиот брат превезувал гости со брод.

Што се однесува на Македонците на кои им зел пари, рекол дека им обезбедил бесплатно сместување и дека парите биле за посредување. Навел дека тие го пријавиле пред да успее да ги заврши обврските за нив.

Македонецот А.В. е осуден на казна затвор од една и пол година. Тој изјавил дека се чувствува делумно виновен.

Фото: Grgo Jelavic/PIXSELL