„НЕ СИ ГИ ЗНААТ ПРАВАТА, ПА ЌЕ ГИ ИГРАМЕ КАКО САКАМЕ“
Автор: Бобан Илијевски
„Образованието е најмоќното оружје кое можеш да го употребиш за да го промениш светот“ – Нелсон Мандела
Да влезете во некоја продавница или фабрика и да ги прашате вработените за тоа кои права им следуваат согласно Закон и Колективен договор, голема е веројатноста дека нема да знаат. Голем дел од нив не знаат ни дека треба да побараат примерок од Договорот за вработување кој го потпишуваат со работодавачот.
Немојте да ме разберете погрешно, незнаењето не е по нивна вина. И јас пред да започнам да работам како новинар во портал кој се бави со работни односи и работнички права, не знаев кои сѐ права од работен однос ми следуваат. Така што, ни јас самиот не сум ништо попаметен од останатите работници, само околностите во кои се најдов се така поставени да ми овозможат секојдневно да учам сѐ повеќе и повеќе за работните односи.
Затоа мислам дека од голема важност е работничките права да се интегрираат во образованието (основното и средното) и на тој начин децата да се едуцираат за истите.
Еднаш претходно пишував на оваа тема, но самиот факт што се сретнувам со се поголем број на луѓе кои, ќе повторам, не по своја вина, не знаат кои работнички права им следуваат, сметам дека ќе треба уште многу да се пишува и зборува во оваа насока.
Ова незнаење газдите го користат во своја полза играјќи постојано на картата дека „работникот пие нафта, па ајде сега ќе го манипулирам како сакам“. Поради тоа, мислам дека е многу паметна идејата работничките права дури да се изучуваат и како посебен предмет во основното и средното образование.
Ценам дека во Македонија има паметни луѓе кои можат да изработат учебник кој ќе биде погоден за определена возраст, само треба да се има волја да се направи тоа.
За на крај, не со намера да се направам попаметен од некого, топло им препорачувам на сите работници, без разлика на тоа во кој сектор работат, да се едуцираат за работничките права. Едукацијата е најголемото оружје на еден човек во борбата за своите права.

