ОВА Е НАЈПАМЕТНОТО ПРАШАЊЕ КОЕ МОЖЕТЕ ДА ГО ПОСТАВИТЕ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА, ВЕЛИ ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР
Пред интервју за работа многу е важно да подготвите прашања кои ќе му ги поставите на интервјуерот за да дознаете повеќе околу работната позиција. Овие прашања, може слободно да се каже дека играат еднакво голема улога, колку и вашите одговори на неговите/нејзините прашања.
CNBC пишува дека поставувањето на паметни, добро промислени прашања на крајот од интервјуто може да ви помогне да се истакнете пред другите кандидати и да одлучите дали работната позиција е вистинскиот избор за вас.
Берт Бин, извршен директор фирмата за посредување при вработување Insight Global за CNBC вели дека постои едно прашање кое мое да ви открие по каков кандидат навистина трага менаџерот за вработување, притоа додава дека истото ќе го импресионира доколку му го поставите.
„Сакам да сум сигурен дека се вклопувам во тоа како изгледа успехот во компанијата. Кои се трите најдобри особини кои вашите најдобри вработени ги покажуваат на дневна основа, во оваа компанија?“.
Американскиот медиум пренесува дека Бин имал интервјуирано стотици кандидати во неговата кариера како регрутер кој станал извршен директор. Тој објаснил дека ова прашање ќе му покаже на интервјуерот дека сте совесни и активни.
„Преку поставувањето на прашање за тоа како изгледа успехот во еден тим или компанија, вие демонстрирате дека сакате бидете успешни и дека сте некој кој сака да знае кои вештини му се потребни за да биде одличен на работната позиција“, рекол Бин.
Исто така, ова прашање ви дава можност подобро да разберете на кој начин ќе ја учите работната позиција и како ќе бидете оценувани за завршената работа.
На крајот од интервјуто, според Бин, би било добро да заклучите со излагање од 30 секунди за тоа зошто сте вистинскиот избор за позицијата.
Тој препорачал да го вклучите следното во вашето излагање:
„Немам други прашања, но ако ми дозволите, еве зошто би требало да ме вработите“.
Ефективноста на оваа тактика, рекол Бин, се должи на тоа што секој интервјуер сака да знае дали кандидатот е вистинскиот избор за работната позиција, а преку ова излагање вие можете да му укажете дека вие сте таа личност.
Извор: CNBC

