Останато

Како се одредува работната успешност како компонента на платата?

Како се одредува работната успешност како компонента на платата

Секој работник за својот вложен труд и време на работното место има право на зработувачка односно плата. Платата на работниците мора да им се исплаќа во парични средства, секогаш почитувајќи го најнискиот износ предвиден со колективен договор, а секако во согласност на законот.

Плата како таква е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците. Но што всушност претставува работната успешност и како истата се мери. Согласно општиот колективен договор критериуми и мерила за утврдување на работната успешност се: домаќински однос; обем; квалитет; креативност и инвентивност, остварена продуктивност, економичност; заштеди во процесот на работење; ефикасност и користење на средствата за работа и работното време и други утврдени со колективен договор на ниво на гранка односно оддел, односно на ниво на работодавач.

Работната успешност всушност се мери, односно проценува за поединци или групи на работници според однапред утврдени критериуми и мерила со кои работникот се запознава пред да започне да работи.

Резултатите од работењето на работникот ги утврдува, односно оценува работникот кој го води и организира процесот на работа. Доколку работникот не ги достигнува работните резултати од причини што се надвор од негово влијание, (немање на струја и други енергенси, дефект на машините и немање на суровини или други објективни причини утврдени со колективен договор на ниво на работодавач), има право на основната плата.
Секако во колективниот договор е предвидено и дека во случај кога 50% од работниците не ги исполнуваат вака утврдените норми и нормативи, синдикатот може да покрене иницијатива за нивно преиспитување.

Тимот на Јуридика