СветСветот на работникот

Кои земји нудат најдобри шанси за вработување на младите?

Иако високото образование и понатаму носи подобри шанси на пазарот на трудот, многу млади дипломци ширум Европа се соочуваат со голема конкуренција и бавно вработување.

Според податоците на „Евростат“, просечната стапка на вработеност меѓу лицата на возраст од 20 до 34 години кои завршиле факултет во последните три години изнесувала 84,9% во 2024 година. Сепак, разликите меѓу земјите се огромни, движејќи се од помалку од 65% до речиси 94%.

Најголеми шанси за работа имаат дипломците во северните и централните европски држави, каде стапката на вработеност надминува 90%. Од друга страна, југот и југоистокот на Европа бележат значително полоши резултати – во некои земји се вработени помалку од четири петини од високообразованите млади, пишува „Euronews Business“.

Податоците покажуваат и изразени разлики меѓу половите. Во просек, 86% од мажите со завршен факултет наоѓаат работа во рок од три години, наспроти 84% од жените. Сепак, во осум земји жените имаат поголема стапка на вработеност од мажите, најмногу во Грција, Хрватска и Шпанија. Од друга страна, најголемиот јаз во корист на мажите е забележан во Турција, Словенија, Летонија и Србија.

Во споредба со најразвиените економии, Германија предничи со речиси 92% вработени дипломци, додека Италија и Франција заостануваат – таму повеќе од една петина од младите високообразовани лица не се вработени.

Без оглед на разликите, трендот е јасен – високото образование и понатаму значително влијае на животниот стандард. Во просек, лицата со факултетска диплома во ЕУ заработуваат 38% повеќе од оние со средно образование и дури 68% повеќе од лицата со ниски квалификации.

Извор: BIZLife