Вести

Кои се симптомите и како да се справите со Синдромот на согорување? – Одговорот го дава Елена Милеска – Дворчанец

За синдромот на согорување или попознат како burnout, сѐ почесто се зборува на глобално ниво, а според нашата денешна соговорничка, и во Македонија започнува да се крева свеста за истиот. Имено, денеска за симптомите, причините и справувањето со синдромот на согорување, разговараме со Елена Милеска – Дворчанец, психолог, Talent acquisition specialist (Специјалист за наоѓање на таленти) и HR ентузијаст. Со неа разговараше Бобан М. Илијевски.

Работник: Кои се најчестите симптоми по кои вработените можат да препознаат дека се соочуваат со синдром на согорување?

Милеска – Дворчанец: Синдромот на согорување или burnout е состојба на емоционална, физичка и ментална исцпреност. Симптомите може да бидат присутни подолго време, на почеток помалку изразени и доколку не се реагира навремено може да дојде до нивно интензивирање. Тие може да се манифестираат на физичко, емоционално и бихевиорално ниво.

Физичките симптоми поврзани со согорувањето често се предизвикани од ослободување на хормонот кортизол или попознат како хормон на стрес, а тоа може да доведе до замор, несоница, главоболки, мускулна напнатост и дигестивни проблеми. Со текот на времето, овие физички симптоми може да станат посериозни што доведува до намалување на целокупната благосостојба.

Емоционални симптоми: Емоционалните симптоми на синдромот на согорување може да вклучуваат чувство на неуспех, сомнеж во себе и сопствената вредност, беспомошност, апатија или рамнодушност кон работните задачи и постојана состојба на фрустрација. Тие исто така може да доживеат целокупно чувство на незадоволство од нивната работа и животот воопшто.

Бихевиорални симптоми: невнимателни грешки поради недостаток на концентрација, прокрастинирање, социјална изолација, губење на ентузијазам за активности надвор од работното место.

Препознавањето на овие симптоми е првиот чекор во справувањето со согорувањето и обезбедување на целокупна благосостојба.

Работник: Кои се причините за појавувањето на синдромот на согорување?

Милеска – Дворчанец: Согорувањето може да произлезе од мноштво фактори. Битно е да правиме разлика помеѓу стресни ситуации и согорување. Стресот е релативно краткотраен, може да трае неколку дена, пример кога треба да завршиме некој проект, или треба да научиме многу материјал пред важен испит. Од друга страна, согорувањето се развива подолго време и доаѓаме до точка каде сметаме дека нашата работа нема вредност, не е вреднувана и препознаена. Високите барања за работа, прекумерниот обем на работа и хроничниот стрес се примарни причинители. Недоволната поддршка од колегите или претпоставените, недоволна комуникација и неусогласеноста помеѓу личните вредности и барањата за работното место може да го интензивираат стресот и да доведат до согорување на работното место.

Работник: Во кои професии има најголеми шанси да се појави ваквиот синдром?

Милеска – Дворчанец: Професионално согорување или burnout може да се развие кај секој вработен кој секојдневно се соочува со стресни ситуации на работното место и има ограничени ресурси за справување со стресот и со работните обврски. Но сепак одредени професии се смета дека имаат поголем ризик.

Работник: Како истиот да се надмине? Што е потребно да се направи?

Милеска – Дворчанец: Индивидуте кои искусуваат burnout, имаат силно чувство на празнина, ментална исцрпеност и недостаток на мотивација. Синдромот на согорување е комплекесен, но постојат стратегии кој можат да помогнат во справувањето. На лично ниво, може да си помогнеме така што ќе воведеме активности во работната недела кои ќе ни помогнаат да ги „наполниме батериите“ по завршувањето на работниот ден. Редовните паузи, хобија, прошетка со блиските може да ни помогнат во процесот. Здравата исхрана, физичката активност и доволен сон исто така можат да бидат есенцијални компоненти во менаџирање на професионалното согорување. Сепак, доколку увидуваме дека сами не можеме да се справиме со симптомите на согорувањето, следниот чекор да ја надминеме оваа состојба е консултација со стручно лице кое ќе ни помогне во процесот.

Работник: Овој синдром во 2019 година влезе во листата на професионални заболувања на Светската здравствена организација, а експертите постојано зборуваат дека компаниите треба да се грижат за вработените кои се соочуваат со истиот. Како во Македонија се гледа на истиот? Се сфаќа ли сериозно?

Милеска – Дворчанец: Во Македонија, како и во други земји, препознавањето и менаџираењето на burnout синдромот постепено добива важност. Се забележува зголемен интерес и свест кај работодавците и професионалната заедница за важноста на поддршката кон вработените и превенцијата на burnout. Моето мислење е дека во Македонија има многу компании кои навистина се посветуваат вработените да имаат work-life баланс (баланс помеѓу работата и приватниот живот). Но исто така има и компании кој не посветуваат доволно внимание на благосостојбата на нивните вработени. Генералната слика укажува на тоа дека треба да ја развиваме свесноста за burnout синдромот и да работиме на развивање на стратегии за справување со истиот, здрава работна средина и work -life баланс.

Фото: Приватна архива

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk