Колку изнесува работниот век во Европа?
Според податоците на Евростат, во 2024 година очекуваното траење на работниот век во Европската унија изнесува во просек 37,2 години за лица постари од 15 години. Сепак, разликите помеѓу земјите-членки се значајни. Во Србија, просечниот работен век изнесува 35,5 години. Евростат не води статистика за Македонија, но според други извор работниот век во државата се наоѓа во групата со најкратки работни векови во регионот, заедно со Бугарија и Хрватска. Ова може да се припише на фактори како што се ниските стапки на учество на работната сила, високиот процент на неформална економија и миграцијата на младите работници.
Најдолг и најкраток работен век во ЕУ
Во Европската унија, шест земји имаат просечен работен век поголем од 40 години. На чело е Холандија, со неверојатни 43,8 години, следена од Шведска (43,0), Данска (42,5), Естонија (41,4), Ирска (40,4) и Германија (40,0). Од друга страна, најкраток работен век е забележан во Романија (32,7 години), Италија (32,8), како и во Хрватска, Грција и Бугарија, каде работниот век е 34,8 години.
Разлики по полови
Кога ќе се зема предвид полот, мажите во Европската унија работат во просек 39,2 години, додека жените работат 35 години. Мажите во Холандија имаат најдолг работен век (45,7 години), следуваат Данска (44,2) и Шведска (44,0), додека најкраток работен век за мажите имаат Романците (35,9), како и Бугарите и Хрватите (36,0). За жените, најдолг работен век имаат Естонките (42,2 години), следуваат Швеѓанките (42,0) и Холанѓанките (41,8). Од друга страна, жените во Италија работат само 28,2 години, а нешто подолго во Романија (29,2) и Грција (31,1).
Тренд на продолжување на работниот век
Во споредба со 2014 година, очекуваното траење на работниот век во ЕУ се зголемило за 2,4 години, што покажува тренд на продолжување на работниот живот во цела Европа.
Причини за продолжувањето на работниот век
Продолжувањето на работниот век во Европската унија најверојатно е резултат на повеќе фактори: стареење на популацијата, реформи на пензиските системи кои поттикнуваат подолг останок на работното место, како и се поголемо вклучување на жените и постарите лица на пазарот на труд. Европската комисија повеќе години апелира до земјите-членки да осигураат одржливост на пензиските фондови преку продолжување на работниот век.
Според податоците на ОЕЦД, продолжувањето на работниот век не е само економско, туку и општествено прашање. Луѓето живеат подолго и често сакаат да останат активни. Од друга страна, во земјите со пониско очекувано траење на работниот век, проблемите се често поврзани со ниска вработеност на младите, лоши услови за работа или неефикасни јавни политики кои го отежнуваат балансирањето на приватниот и професионалниот живот.
Извор: EUpravo Zato

