Колку од децата се жртви на присилна работа во Македонија?
Пишува: Бобан Илијевски
Вчера додека се враќав од Скопје кон Гостивар, на една од патарините забележав дете кое имаше можеби десет години. Детето им нудеше на возачите нешто да купат (не видов што продаваше) и тоа ме натера да помислам колку деца се жртви на детскиот труд во Македонија, но и во светот, па поради тоа и се решив оваа моја анализа срочена во колумна да ја посветам токму на детскиот труд. Побарав и статистики околу детскиот труд на глобално ниво и истите ќе ги наведам подолу во колумната.
Детскиот труд во светот, па и кај нас, не е појава којашто датира од скоро време. Експлоатацијата на децата е од векови наназад. Сигурно кога сте гледале некој филм којшто раскажува приказна за времето кога наместо влади, во светот имало кралства и царства, сте виделе деца кои продаваат работи по пазарите. Она што го гледаме во филмовите за тие деца, за жал е сурова реалност која не можеме да ја избегнеме колку и да сакаме.
Меѓународната организација на трудот ја има усвоено Конвенцијата 182 – за забрана и елиминација на најлошите видови детски труд во Женева, во јуни 1999 година. Македонија во 2002 година ја има ратификувано, но како и сите други конвенции коишто се ратификувани и наведената не се применува во пракса, а тоа се гледа во секојдневниот живот, како примерот којшто го посочив со детето кое продаваше на патарина, наместо да игра со играчки и да ужива во детството. Еве уште еден пример. Доколку излезете по градовите ширум Македонија за време на денови кога е пазар, можете да видите голем број на деца којшто со колички на едно тркало (оние што се користат кога се носи малтер), ги пренесуваат намирниците на луѓето коишто пазаруваат. Или пак малите деца, што питачат. Јас лично имам видено како мајка тепа дете поради тоа што не собрало доволно пари од питачење. Овие примери мислам дека се доволен доказ дека не се применува Конвенцијата во Македонија. Сепак, Македонија не е единствената држава каде што има детски труд.
Ромите, за жал, се едни од најексплоатираните деца во државата. Нив можеш на секое ќоше од градот да ги видиш како питачат или пак работат други работи. Но, што да прават? Тие не се ни најмалку виновни за тоа. Јас лично прстот го вперувам кон родителите и државата. Механизмите коишто би требало да се грижат да нема искористување на детскиот труд не функционираат, а правилно би било да им се одземаат децата, на оние родители коишто присилно ги тераат да работат или да просат. Изразувам надеж дека еден ден можеби ќе проработат тие механизми и дека ќе се сузбие детскиот труд.

Што се однесува на глобалните статистики, еве некои од позначајните податоци коишто се однесуваат на присилниот детски труд.
- 152 милиони деца ширум светот се жртви на детскиот труд, од кои 88 милиони се машки, а 64 милиони женски.
- Детскиот труд на девојчињата е помалку видлив и поради тоа е помалку пријавуван. Девојчињата најчесто работат во домаќинства во приватни домови и тие многу повеќе од машки се задолжени за извршување на домашните обврски, форма на работа која не е предвидена во процената на детскиот труд.
- Девојчињата кои го напуштаат училиштето порано, непропорционално ги преземаат работните обврски во своите домови, додека момчињата завршуваат со училиште подоцна, за да се приклучат на работната сила.
- 48 % од сите жртви на детскиот труд се од 5 – 11 години.
- Речиси половина од децата – жртви на детскиот труд (73 милиони) работат во опасни услови. Повеќе од една четвртина од опасните работи ги извршуваат деца помали од 12 години (19 милиони).
- Речиси половина од децата – работници се во Африка (72,1 милион); 41 % (62 милиони) се во Азија и Пацификот.
- 71 % од детскиот труд се одвива во дејности како агрикултурата, која вклучува риболов, шумарство, одгледување на добиток и аквакултура.
- 19 % од жртвите на детскиот труд живеат во ниско развиените земји, а 2 милиони во високо развиените земји.
- Постои силна корелација помеѓу детскиот труд и ситуации на конфликт и катастрофи. Статистиката за детски труд во држави погодени од вооружени конфликти е 77 % повисока од глобалниот просек, додека статистиката за извршување на опасни работи е 50 % повисока.
- Се смета дека принудниот детски труд генерира околу 150 билиони долари годишно, нелегален профит.
- Повеќе од две третини од сите деца во детскиот труд (69,1 %) работат со семејствата на семејните фарми или семејните компании, не во работен однос со работодавач.
- Децата кои се принудени од страна на нивните семејства или други фактори да го напуштат училиштето пред петнаесеттиот роденден, имаат помали шанси да најдат работат, а оние коишто ќе најдат работа, пронаоѓањето на истата трае многу подолго.
- Децата коишто биле изложени на детски труд имаат само основно образование или воопшто немаат образование.
- Младите кои работеле како деца (до 15 годишна возраст) има поголеми шанси да работат во ниско платени дејности.

Согледувајќи ги овие податоци, единствениот заклучок којшто може да се донесе е дека децата во сиромашните држави се многу повеќе изложени на детскиот труд, а во Македонија, држава којашто е една од најсиромашните во светот, детскиот труд е најмногу забележлив. Меѓународната организација на труд постојано испраќа апели дека треба да се сузбие оваа појава, но одредени држави, меѓу кои е и Македонија, не работат на ова поле доволно. Оваа тема треба да биде постојано во јавноста, најмногу поради тоа што се однесува токму на децата – идните генерации кои треба да остават свои отпечатоци на оваа планета.

