КОМЕНТАР: Времето ќе покаже дали недела ќе биде неработен, по платен или работен, а исто платен ден
Пишува: Бобан Илијевски
Законското решение за недела неработен ден денеска конечно беше усвоено. За дел од правниците, не станува збор за тоа дека недела ќе биде неработен, туку по платен ден, поради тоа што најголемиот дел од дејностите, како што велат, ќе работат во недела. Сепак, во пракса се‘ уште не знаеме што ќе се случи, но претходното искуство покажува дека законите кај нас најчесто остануваат само на хартија. Времето ќе покаже дали недела ќе биде неработен, по платен или работен, а исто платен ден.
Останува да се види и како ќе реагираат синдикатите кои силно се бореа и постојано алудираа на тоа дека е потребно итно носење на ова законско решение, во случај да дојде до непочитување на истото од страна на одредени работодавачи. Тогаш ќе видиме т.е. ќе се покаже дали толку револтирано бараа да се донесе бидејќи е навистина од полза на работниците или пак сето тоа беше само глума за да покажат дека се грижат за работниците. За мојава теза постојат докази, за кои би зборувал во некое друго време.
Ретките се тие во оваа држава коишто покажуваат искрена намера. Не зборувам само за оние кои треба да ги штитат работничките права, туку и за други општествени чинители. Понекогаш треба да си критичен до тој степен, па и под услов тие чии права ги браниш да те нападнат, за да навистина им помогнеш да уживаат вистински работнички права, наместо да бидат жртви на популизам. Ова го зборувам како некој кој веќе три години покрај новинарството, се бави и со одбрана на работничките права преку кревање на свеста за истите.
Останува да видиме како изгледа финалното законско решение кое од 1 јануари треба да стапи во сила. Се надевам дека ќе биде во полза на работниците, иако голем дел од реакциите на дел од синдикатите, здруженијата за заштита на работничките права и правниците се во насока на тоа дека ова законско решение има доста аномалии кои требало да се решат пред да се донесе истото.

