Комората на сметководители бара повлекување на Законот за сметководствени работи од Собрание, а еве зошто
Наместо сфаќање на важноста која ја имаат сметоводителите, како едниствена врска меѓу државата и стопанството, продолжуваат обидите за целосна контрола со цел задоволување на нечии лични интереси, рече Александра Андреева од Комората на сметководители на денешната прес – конференција.
Токму затоа, Комората на сметководители со поддршка на колеги сметководители и овластени сметководители е денес овде пред Законодавниот дом, каде што се врши грубо кршење и злоупотреба на надлежностите. Имено, Законот за вршење на сметководствени работи денеска е ставен на пленарна седница со европски знаменце, под изговор дека се усогласува со ЕУ директивите. Во овој закон, освен целосна окупација и злоупотреба на сметководителите, нема никакво усогласување ниту поврзаност со наведената Директива, вели Андреева.
Истакна дека Комората ја повикува целата меѓународна заедница во Македонија и Канцеларијата на Европската унија, сериозно да реагираат и да ја преиспитаат оваа злоупотреба.
Причината за злоупотребата на европското знаменце и носење на овој Закон по скратена процедура, вели Андреева, е воведување на ново тело за контрола на Институтот на сметководители и овластени сметоводители, наречено Совет за унапредување и развој на сметководството. Она што е целосна небулоза кај овој Совет е неговата таканаречена независност а всушност, во самиот Закон е директно наведено дека за својата работа ова тело одговара пред Владата, а во него членуваат претставниците од Министерството за финансии.
За каква независност на ова тело зборуваме, кога работата целосно му зависи од Владата и Министерството за финансии. За жал, морам да истакнам дека нашето учество во креирање на овој закон е само алиби на ресорното министерство, бидејќи речиси ниту една од клучните предлози коишто ние ги имавме не беа прифатени. Напротив, се исполнуваат барањата на поединци и групи со цел задоволување на нивни интереси. Дури и самата јавна расправа којашто беше организирана, беше единствено за замајување на јавноста за наводен инклузивен процес, а всушност беше одржана по законски предвидениот рок за поднесување на амандмани, рече Андреева и додаде:
Знаеме дека интересот е онаму каде што се парите, па така и во нашиот случај години нанзад борбата е токму тоа, како да се злоупотребат парите кои сметководителите ги плаќаат за чланарини. Од последните јавно достапни информации, Институтот располага со над 30 милиони денари на својата сметка, па сега Законодавецот по секоја цена воведувајќи паралелни контролни и репресивни тела сака да дојде до истите. Така, наместо овие средства да се користат за професионално усовршување и унапредување на професијата, Законот пропишува дека Институтот треба да го плати преводот на меѓународните сметководствени стандарди. Оваа пракса ја нема никаде во светот, бидејќи преводот е од државен интерес и токму државата треба да го плати, а не физички лица – професионалци кои сакаат само чесно да заработуваат.
Дополнително, рече Андреева, пред десттина година веќе има добиено грант од 3,6 милиони евра кои никој не знае каде завршија. Од овие причини, Комората на сметководители се оградува од ова законско решение и не дозволув нивното учество во работниот процес да биде злоупотребен од страна на институциите.
Сметководствената професија е пред изумирање поради старосната структура на сметководителите и овластените сметководители и неатрактивноста за влез на млади кадри во истата, посочи Андреева и нагласи дека ова ќе биде сериозен проблем за државата за неколку години.
Со носењето на ваков Закон, подвлече таа, ситуацијата дополнително ќе се влоши.
На пратениците им порача да ги тргнат настрана личните и партиските интереси и да не го изгласаат овој Закон.
Сашо Цветановски, овластен сметководител и граѓански активист посочи дека најголемиот број од пратениците и јавноста не знаат колку обврски неоправдано им се калемат од секакви институции без никакви права, а Законот рече дека е „врв на тортурата истиот е штетен и нема ништо европско во него“.

Наместо поттик за развој на професијата и вработување, не затрупува со дополнителни трошоци, ограничувања, контроли и обврски. Тој значи грубо конфискување на наши средства за остварување на нечии лични интереси и за финансирање на репресивни тела под контрола на лица именувани од извршната власт. Добитници ќе бидат поединци и бизниси со моќ за лобирање, а губитник обичниот сметководител и малите сметководствени фирми кои макотрпно ќе работат за туѓите интереси и профити, рече Цветановски.

