КСС: Власта со манипулирањето на работниците ги подучува работодавачите од приватниот сектор да го прават истото
Бобан Илијевски
Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес – конференција истакна дека во буџетот за 2022 не се предвдени пари за исплата на К-15 на вработените во јавниот сектор.
„За 2022 година нема дополнително предвидено пари за исплата на К-15 во јавниот сектор“, рече Бесими, одговарајќи на новинарско прашање.
На ова, од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија велат дека ваквите изјави на Бесими наведуваат на манипулација на работниците во врска со нивните права.
„Веќе е здодевно да разговараме за правото на регрес на работниците, дали во приватниот сектор, дали во дел од јавниот сектор коишто го имаат тоа право, кога тоа е пропишано со Колетивен договор. Едноставно, ваквите изјави на Министерот дека во следната година нема предвидено К-15 за работниците во јавниот сектор, на оние што им следува, е само лош пример што го дава на дел од работодавачите во реалниот сектор дека можат да манипулираат со работниците“, велат од синдикатот.
КСС потсети дека во изминатите години има напревено низа протести, на кои побарале да се применува Законот за минимална плата за сите работници, во јавниот и приватниот сектор, но и правото на К-15, исто така и за вработените во јавниот и приватниот сектор.
Изминатиов период, велат од КСС, испратиле писмо до сите пратеници во Собранието, во коешто побарале во Буџетот да бидат предвидени сите средства за плата и додатоци на плата за вработените во јавниот сектор, нагласувајќи дека според изјавата на Бесими, власта повторно спрема манипулација со дефокус на работниците за некое право, коешто е веќе стекнато.
„Затоа КСС, доколку продолжи непочитувањето на трудот и работникот коишто се пропишани со закон (минат труд, тринаеста плата за 150 часа во текот на годината…) или пак право на регрес согласно колективни договори, соодветно и крајно радикално ќе одговори на ваквиот однос на институциите кон работникот и трудот“, подвлекоа од КСС.

