Останато

Лекција по трудово право: Паричен надоместок во случај на невработеност

РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Паричен надоместок во случај на невработеност
Пандемијата на коронавирусот го потресе пазарот на труд, многу луѓе останаа без работa. Помал број на индустрии доживеаа зголемување на обемот на работа, додека други доживеаа колапс и беа принудени да отпуштаат дел од своите работници. Ваквата состојба не е посакувана за никого и токму затоа Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност предвидува одредени права кои им следуваат на лицата кои ќе останат без работа.
Паричниот надоместок во случај на невработеност е едно од правата кои се предвидени како право од осигурување во случај на невработеност. Законот предвидува дека право на паричен надоместок ќе има лица кое е невработено, а кое било во работен однос најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатени плати кај работодавачот согласно со закон, колективен договор и договор за вработување и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеца, а за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеца, паричниот надоместок за првите 12 месеца изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеца, а за преостанатото време 40% од просечната месечна нето плата.
ПРАВИЛНО е да се смета дека паричниот надоместок на невработеното лице ќе му припаѓа од денот на престанокот на работниот однос, но само во случај ако невработеното лице поднесе барање до Агенцијата кај која е уплатуван придонесот за вработување, во рок од 30 дена од денот на престанокот на работниот однос, во спротивно ако барањето е поднесено по истекот на рокот, паричниот надоместок ќе му припаѓа од денот на поднесувањето на барањето за преостанато време.
ПОГРЕШНО е да се смета дека правото на паричен надоместок лицето може да го оствари само еднаш, доколку на невработеното лице му престанало правото на паричен надоместок, но повторно останало без работа истото ќе може да го оствари правото на паричен надоместок ако повторно ги исполни условите потребни за здобивање на тоа право. Невработеното лице на кое поради засновање на работен однос му престанало правото на паричен надоместок пред истекот на времето за кое имал право, а повторно остане невработен, продолжува да го користи тоа право, доколку е поповолно за него.
проф. д-р Лазар Јовевски