Лекција по трудово право: Платите на административните службеници
РУБРИКА ЗА ТРУДОВО И СОЦИЈАЛНО ПРАВО
Тема: Платите на административните службеници
Како и за сите останати вработени, така и административните службеници имаат право на плата и надоместоци на плата за својата остварена работа. Правилата во однос на платите на административните службеници се утврдени во Законот за административни службеници, и истите се обезбедуваат од страна на Буџетот на РМ, буџетите на единиците на локалната самоуправа како и од други извори утврдени со закон.
Платите на административците се пресметуваат во бруто износ, но се исплаќаат во нето износ и тоа еднаш месечно во тековниот месец за минатиот месец. Содржината на платата пак е составена од основна компонента и исклучителна компонента. Основната компонента во себе ги содржи делот на плата за степен на образование, за ниво и за стаж. Делот на платата кој се однесува на работниот стаж се вреднува во износ од 0.5% од деловите на плата за степен на образнование и за ниво, за секоја навршена година стаж, а најмногу до 20%.
Во однос на исклучителната компонента таа содржи додаток за посебни услови како што е работа изложена на висок ризик и работа во кабинети, додаток за работа за ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа и тука го спомнуваме и додатокот на плата заради прилагодување кон пазарот на трудот.
ПРАВИЛНО е да се смета дека кабинетскиот службеник заради спецификите во однос на неговите должности и работни задачи, како и 24-часовната потреба од достапност на функционерот во чиј кабинет работи, на истиот му следува додаток на плата за работа во кабинет и тоа во висина од 10% до 30% од износот на основната плата.
ПОГРЕШНО е да смета дека административните службеници не можат да бидат изложени на висок ризик, напротив Законот за административните службеници предвидува додаток на плата кој во зависност од видот на ризикот може да се движи во висина од 10% до 30% од износот на основната плата.

