Кој има право на семејна пензија?
Кој има право на семејна пензија?
Согласно Законот за пензиско и инавалидско осигурување семејна пензија може да остварат членовите на семејството на починатиот осигуреник. Како членови на семејство се сметаат брачниот другар, децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени; посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и родителите (таткото и мајката). Законот предвидува дека правото на семејна пензија може да го оствари и разведениот брачен другар доколку со правосилна судска одлука му е утврдено правото на издржување. Додека пак во однос на внучињата без родители, другите деца без родители и родителите ги издржувал осигуреникот кои можат да бидат носители на правото на семејна пензија потребно е во периодот додека биле издржувани да не биле во работен однос или не оствариле плата по друг основ, не биле корисници на старосна, инвалидска или семејна пензија, катастарскиот приход од земјоделската дејност по член на
потесното, односно поширокото семејство да не изнесувал годишно повеќе од 25% од просечната плата остварена во Републиката во претходната година и сите други приходи
по член на семејството не изнесувале месечно повеќе од 25% од просечната плата остварена во Републиката во претходната година.
Во поглед на условите кои се потребни да бидат исполнети за членовите на семејството да го стекнат право на семејна пензија се слeдните: ако умрениот осигуреник наполнил најмалку пет години стаж на осигурување или најмалку десет години пензиски стаж или ги исполнил условите за старосна или инвалидска пензија, или бил корисник на старосна или инвалидска пензија. Во случај ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигуреникот.
Тимот на Јуридика

