Мал е бројот на позитивни на Ковид во текстилниот сектор
Бобан Илијевски
Приватниот сектор се вклучи во вакцинацијата која започна со вакцинирањето на здравствените работници во февруари.
Д-р Дијана Коцева Миланова неодамна изјави дека се прават напори да се вклучат и приватните компании во самиот процес на вакцинација, особено вработените во текстилниот сектор од Штип.
На 17 мај, македонските медиуми пренесоа дека вработените во приватниот сектор, особено маркетите и помалите компании ќе имаат приоритет при вакцинацијата. Неколку компании, меѓу кои имало и текстилни фабрики изразиле интерес и составиле списоци на вработени кои сакале да се вакцинираат. Истите требало да ги достават до стопанските комори, а од таму ќе бидат испратени од Министерството за здравство кое веќе ги внело во системот и ги препратило до регионалните пунктови.
Претседателката на Здружението „Гласен Текстилец“ истакна дека добро е што започнала вакцинацијата на вработените во приватниот сектор, посочувајќи дека текстилните работници требало да бидат ставени на приоритетната листа заедно со критичната инфраструктура.
Таа нагласи дека важно е вакцинираните работници да добијат ист третман како и вработените во јавниот сектор, а оние со пост – вакцинален синдром да бидат ослободени од работа.
„Ако сакаме да имаме повеќе вакцинирани лица, повисока вакцинална стапка, сметам дека не треба цело време да “препорачуваме” на приватниот сектор, туку надлежните министерства, МТСП и МЗ, да бидат јасни и кажат дека работниците кои пројавиле симптоми, потешкотии по вакцинацијата, треба да бидат ослободени од работа”, рече Ампева.
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров за „Работник“ потенцираше дека во моментот здравствената состојба е стабилна и како што вели, мал е бројот на позитивни на Ковид – 19 во текстилниот сектор.
Тој истакна дека во моментов за враќање во „нормала“ многу е поважно олабавувањето на мерките во Европската унија, особено во Германија, за да може да започне производно – продажниот циклус и да се нормализира работата.
Тој посочи дека голем број на текстилни компании се без работа и постои голема опасност за губење на голем број на работни места.
„Оние компании кои користеле финансиска помош за месеците март и април, до крајот на јуни, не смеат да го намалуваат бројот на вработени и во овој период не смеат да отпуштаат. Да се надеваме дека до крајот на јуни состојбата ќе се нормализира и вработените ќе ги задржат своите работни места.
Имено, оние компании чии вработени ќе пројават интерес за вакцинација, треба да изготват списоци и истите да ги доставуваат до Здравствените домови, од ќе им испратат термин за вакцинација во одреден регионален пункт.
Минатата година, текстилните фабрики во Штип беа кластери на голем број на заболени поради тоа што вработените немаа соодветно растојание во погоните и преполните автобуси. Поради ова голем дел од фабриките, мораа да го сменат начинот на работење.

